При крај е поставувањето на мобилната болница до Клиниката за инфективни болести, во кругот на Клиничкиот центар, информира градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Тој објави на фејсбук форографии од поставувањето на болницата, кое, како што вели, привршува за само една седмица.

„Меѓуинституционалната соработка вроди со плод. На крај сме со поставувањето на полската болница во близина на Клиниката за инфективни болести. За неполни седум дена. Град Скопје, Министерство за здравство, Министерство за одбрана – институции со светски стандарди на исполнителност. Благодарност до вработените“,
објави вечерва Шилегов.
Во мобилната болница, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, ќе има 130 кревети за третман на пациенти со коронавирус и се очекува таа наскоро да почне да функционира.
„Мобилната болница треба да ги удвои капацитетите на Инфективната клиника. Тоа е болница што ја користи Армијата. Имавме интензивна комуникација со министерката за одбрана и целосно излегоа во пресрет со Армијата, а потоа и градот Скопје, што го обезбеди просторот каде што таа ќе биде сместена. Сметаме дека треба да биде блиску и да се надополни капацитетот на Инфективната клиника, зашто тука е и експертизата, а тука е и можноста да ротираат тимовите. Значи ќе има суви врски со Клиниката, ќе има и соодветни услови, тоалети, тушеви, и кревети“,
рече Филипче.