Градоначалникот на Град Скопје и прв човек на ЗЕЛС, Петре Шилегов, денеска повика сите локални самоуправи да дадат придонес во спроведувањето на пописот. Средствата што се потребни да се обезбеди логистичка поддршка не се големи, рече тој, а она што ќе го добијат локалните самоуправи е многу значајно за нивниот понатамошен развој.
„Од средбата ќе произлезат работни заклучоци во контекст на тоа што е тоа што единиците на локална самоуправа треба да го обезбедат, иако тоа стои во законските одредби. Во секој случај, станува збор за просторно обезбедување за нормално функционирање на пописните комисии, потребната електронска инфраструктура со цел да обезбедиме непречено спроведување на претстојниот попис“,
рече Шилегов по средбата на државниот врв со директорот на Државниот завод за статистика и градоначалниците.
Тој додаде дека не станува збор за големо зголемување на материјални трошоци за која било единица на локалната самоуправа, а од пописот, како што рече, сите ќе добијат реални податоци за тоа што е на нивната територија со цел врз основа на тие податоци да може да се креираат политиките на микрониво во средините и во заедниците.
„Затоа апелирам до сите политички субјекти во нашата држава да ја напуштат деструкцијата, да се откажат од евентуалните повици за бојкот и оценување на уставноста на законите. Деструкцијата нема никаде никого да одведе, напротив. Ако сакаме извесна иднина за нашата држава, добро планирање за развојот на нашата држава, ако сакаме да бидеме партнери во ЕУ, ние треба да ги имаме овие релевантни податоци. Ваквите повици, историски и политички секогаш завршувале со пораз на деструкторите од една страна, а од друга страна мислам дека ние што сме во политиката немаме право да ја влечеме државата назад“,
рече Шилегов.