Мостот ќе има и пешачи и велосипедски патеки, а по него ќе поминува и јавниот градски превоз. Тој ќе го носи името по Михајло Апостолски, кој, како што рече Шилегов, е еден од најзаслужните за градењето на македонската држава и за ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор

Актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат на СДСМ и коалицијата „Најдоброто“ за уште еден мандат, Петре Шилегов одлучи на последниот ден од кампањата пред првиот круг од локалните избори в недела, да ги повика скопјани да гласаат за него од новиот мост што се гради на булеварот АСНОМ и ги поврзува Аеродром и Ќерамидница.
„Почитувани скопјанки и скопјани, ве повикувам во недела, на 17 октомври да го дадете вашиот глас за градењето мостови меѓу луѓето, за континуитетот на европско, уредно и зелено Скопје на среќни луѓе кои искрено си го сакаат својот град. Секој глас е важен и секој глас не носи поблиску до победата. Направете го тоа за сите нас, направете го тоа за сите генерации, направете го тоа за Скопје, затоа што Скопје е една поинаква приказна, Скопје е нашиот заеднички дом“,
повика Шилегов.
Новиот мост, според него, не поврзува само две страни на еден булевар или две населби туку испраќа порака дека Скопје веќе не е поделен град.

„Во Скопје веќе не се делиме, на важни и помалку важни, на наши и нивни, на Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и други. Овој мост е на сите кои макар еднаш поминат преку него. Од исток кон запад, од север кон југ и обратно. Овој мост не е само обично сообраќајно решение за поврзување на АСНОМ и ’Васко Карангелески‘ во Аеродром со ’Гоце Делчев‘ и ’Беласица‘ во Центар, со ’Никола Карев‘ и ’Александар Македонски‘ во Гази Баба. Со изградбата на овој мост жителите на Аеродром веќе нема да чекаат по 40 минути на Железничка кога одат или се враќаат од работа. Со изградбата на овој мост веќе нема од Ново Лисиче до Мавровка да се да се кружи од кај МАНУ или Бит Пазар“,
порача Шилегов.
Мостот ќе има и пешачи и велосипедски патеки, а по него ќе поминува и јавниот градски превоз. Тој ќе го носи името по Михајло Апостолски, народниот херој кој бил еден од најистакнатите членови на Президиумот на АСНОМ.
„Храбриот генерал Михајло Апостолски кој бил еден од најистакнатите членови на Президиумот на АСНОМ, еден од најзаслужните за раѓањето и градењето на македонската држава, за ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, за пишувањето и негувањето на нашата, скопска и македонска историја. Нека живее вечно споменот на овој голем човек во срцата на скопјани, нека го поврзува градот убав цврсто и силно како неговата борба за слободата и раѓањето на нашата Македонија“,
рече Шилегов.