Немам информации за увоз на опасен отпад во „Дрисла“, но тоа ќе го провериме по нејзиното официјално преземање, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој со добиеното решение од Централниот регистар ја врати депонијата во владение на Градот. Преземањето на „Дрисла“ се случува во исто време кога актуелниот директор Горан Ангелов е под лупата на бугарските власти кои истражуваат увоз на сомнителен отпад од Италија во нивната држава.

„Ако е нешто добро во таа работа, е тоа што се однесува на Бугарија, а не на Скопје. Ги повикувам надлежните институции, по преземањето на ‘Дрисла’ да алармираат ако имаат сознанија за евентуални нерегуларности, да ги размениме за да можеме да ја утврдиме фактичката состојба. По разрешување на актуелниот и назначување нов директор и членови на управниот одбор, треба сите да помогнеме да се направи целосна анализа на досегашното работење на депонијата“,
одговори Шилегов на новинарско прашање.
Плановите се „Дрисла“ да стане санитарна депонија. Анализата треба да го покаже целокупниот економски потенцијал кој може да биде ставен во функција, а не како што вели градскиот татко, на сомнителни партнери на градот.
– Во изминатите 9 години премногу загубивме и имаше премногу контроверзии околу самиот капацитет –
смета Шилегов.
Во меѓувреме, бугарското обвинителство ја истражува фирмата „Блацион“ во чија сопственичка структура се двајца македонски државјани, Блаже Игнатов и Горан Ангелов. Се испитува дали нерегуларно увезле 25 контејнери отпад од Италија преку пристаништето во Бургас.

Оттаму денеска информира дека истрагата, барем засега, покажала дека отпадот не е радиоактивен или токсичен. Но најавија дека продолжуваат со дејствијата и земаат примероци од сите контејнери. Констатирале дека има несовпаѓање меѓу декларираната и реалната содржина на контејнерите со италијански отпад кога беа задржани на пристаништето во Бургас, а биле наменети за фирма што се наоѓа во гратчето Плевен. Тоа, како што пишуваат бугарските медиуми, е спротивно на изјавата на управителот на компанијата „Блацион“, Горан Ангелов, која го внела отпадот. Според него, отпадот бил наменет за термоелектраната „Бобов дол“.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов викендов изјави дека побарал од истражните органи да земат и да ги анализираат примероците од пепел од термоцентралата „Бобов дол“ каде што се носел отпадот, за да се утврди дали е согоруван опасен отпад.
Игнатов и Ангелов тврдат дека ваков отпад не е донесен на „Дрисла“
Управителот на „Блацион“ ООД, Блаже Игнатов и содружникот Горан Ангелов, кој поседува 15 проценти од компанијата денеска во изјава за МИА тврдат дека ниту отпадот е опасен, ниту ваков отпад е донесен на „Дрисла“.
Игнатов објаснува дека отпадот од пристаништето во Бургас требало да биде пренесен во Термоцентралата „Бобов дол“, но откако пристигнал отпадот, на бугарската ТЕЦ и истекла лиценцата за горење отпад.
Според него станува збор за пластика и гуми и оти тоа што е пронајдено – текстил, дрво, стакло, како што посочија од бугарското Обвинителство, е дозволено. Потенцираше дека тоа ќе го докажат и експертите откако ќе го испитаат отпадот.
Директорот на Депонијата „Дрисла“, Ангелов за МИА ги демантира бугарските медиуми и и вели дека доколку добие дозвола отпадот ќе се пренесе во ТЕЦ „Бобов дол“ или ќе се врати повторно во Италија.
На прашањето дали компанијата „Блацион“ ООД некогаш има остварено соработка со „Дрисла“, Ангелов рече дека никогаш немаат остварено соработка.
И Игнатов тврди дека во земјата никогаш не бил увезен каков било отпад, бидејќи нема дозволи за тоа и дека тоа го работеле само во соседна Бугарија.