На површина од 5 000 квадратни метри и инвестиција од 33 милиони денари е уреден просторот во центарот на Скопје, на потегот од плоштадот кон влезот во Градскиот трговски центар. Инвестицијата не е на Градот, туку, како што рече градоначалникот Петре Шилегов, на совесни граѓани на Скопје кои сакале да помогнат да го уредат девастираниот простор.

Се работи за приватен простор и затоа Градот не можел да инвестира за да го уреди со јавни пари, но Шилегов истакна дека нема да дозволи додека е прв човек на главниот град на тоа место кое отсекогаш било јавен простор за граѓаните да биде изградена 20-метарска зграда.

Претставувајќи го уредениот простор со тревник, тој денеска побара од надлежните институции и Јавното обвинителство заштита со поништување на продажбата и враќање на сопственоста онаму каде што просторот припаѓа.
„Ова е простор на Град Скопје. Ова не е простор на којшто ќе треба да се прават луди барокни експерименти. Овој тревник, за жал, во 2012 година бил продаден од тогашната власт и на овој простор треба да никне 20-метарска, можеби и повисока зграда, а на аголот кај стоковната куќа улицата да биде широка помалку од три метри. Ова е приватен простор на кој Град Скопје не можеше да инвестира со цел да го уреди. Меѓутоа, додека сум јас градоначалник, заедно со градоначалникот на Општина Центар, ќе се грижиме овој простор да остане јавен и со цела политичка структура која ја претставуваме ќе стоиме во негова одбрана и нема да дозволиме овде да биде изградена зграда“,
изјави Шилегов.
Демантираше дека судски е донесена одлука во корист на сопственикот и на новинарско прашање одговори дека земјиштето на тој простор никогаш не е предадено во владение на, како што рече, таканаречените сопственици.
„Ова никогаш го немаат добиено во владение и бидејќи го немаат владението, не можат ни да го оградат. Нека пробаат да го оградат, па да видат што ќе ги снајде“,
рече Шилегов.
Во однос на реакцијата на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците од каде вчера побараа да се овозможи пристап до спомен-плочата за Мајка Тереза, Шилегов одговори дека Градот нема право да инвестира и, како што рече, да троши јавни пари за приватна парцела. Повтори дека во уредувањето на просторот што денеска го промовираше Градот нема инвестирано јавни средства.
Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје го обвинија Шилегов дека е неспособен да го менаџира градот и дека се крие зад анонимни инвеститори.
Во соопштението од советничката група ги наведуваат, како што пишува, главните пет работи кои Шилегов ги ветил, а не не ги реализирал: град без смог, Скопје за Европска зелена престолнина во 2021 година, јавен превоз со електрични автобуси, Водно да се врати на Скопјани и справување со дивите депонии.
