Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала повеќе од 450 дронови и 45 ракети во текот на ноќта. Тие тврдат дека воздушната одбрана успеала да собори девет ракети и 406 дронови

Шест лица се загинати откако Русија изврши стотици напади со ракети и со беспилотни летала врз енергетска инфраструктура и станбени цели во Украина во текот на ноќта, пишува Би-би-си.
Две лица се загинати во напад врз станбена зграда во градот Дњепарк, а 12 се повредени, додека тројца се загинати во Запорожје.
Според информациите што ги пренесува медиумот, биле погодени вкупно 25 локации низ Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев, оставајќи многу области без електрична енергија и греење.
Премиерката Јулија Свириденко во изјава на Телеграм вели дека големи енергетски објекти се оштетени во регионите Полтава, Харков и Киев, и дека се работи на враќање на електричната енергија.
Свириденко рече дека критичните инфраструктурни објекти веќе се повторно поврзани, а водоснабдувањето се одржува со помош на генератори.
Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала повеќе од 450 дронови и 45 ракети во текот на ноќта. Тие тврдат дека воздушната одбрана успеала да собори девет ракети и 406 дронови.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана објави дека нејзините сили собориле 79 украински дронови. Русија продолжува да инсистира дека нејзините напади врз енергетската инфраструктура се насочени исклучиво кон украинската војска.
Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина пред зимата се познат дел од оваа војна. Аналитичарите, како што пишува Би-би-си, веруваат дека оваа, четврта зима од почетокот на инвазијата, ќе биде голем тест за отпорноста на украинската одбрана.
Министрите од Киев изразуваат загриженост дека Москва не само што се обидува да го скрши моралот на населението со овие напади, туку и да ја доведе целата економија во застој со уривање на енергетската мрежа.
