Половина од македонските државјани кои воените дејствија на Блискиот Исток ги затекнаа во Израел веќе се евакуирале во земјава на сопствен трошок со комерцијални летови, додека другите шест денеска треба да бидат префрлени во Египет, од каде што утре со владиниот авион треба да полетаат кон Скопје
Во однос на македонските државјани во Обединетите Арапски Емирати и во Катар, од МНР велат планот на дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби е тие, во координација со надлежните институции, да бидат евакуирани со чартер-летови
Вкупно 632 македонски државјани заклучно со денес побарале информации за евакуација од повеќе земји од регионот на Блискиот Исток, каде ситуацијата и понатаму е влошена по американско-израелските напади врз Иран и одмаздничките удари кои доаѓаат од Техеран.

Како што соопштија денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, од македонските државјани 136 лица се пријавени во главниот град на Катар, Доха, додека бројката на пријавени наши граѓани кои се наоѓаат во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, постојано се зголемува и во моментов изнесува 477 лица.
Што се однесува до македонските државјани во Израел, од МНР велат дека таму бројот на лица кои се пријавиле за евакуација останува непроменета. Половината од нив веќе се евакуирале на сопствен трошок со комерцијални летови.
„За дел од нив (вкупно 6 лица), со посредство на Министерството е завршена евакуацијата и тие одлучиле на сопствен трошок со комерцијални летови да заминат кон Скопје“,
велат од ресорното Министерство.
Другите шест лица, кои изразиле подготвеност за евакуација, во текот на денешниот ден, според Министерството, ќе бидат транспортирани по копнен пат од Израел во Египет, со асистенција на дипломатско-конзуларните претставништва. Таму, тие ќе бидат сместени на безбедна локација во хотел, на владин трошок, каде што ќе го чекаат утрешниот ден кога со владиниот авион е планирано да полетаат за Скопје.
Во однос на македонските државјани во Обединетите Арапски Емирати и во Катар, од МНР велат планот на дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби е тие, во координација со надлежните институции, да бидат евакуирани со чартер-летови.
„Дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби, во координација со надлежните институции, е во фаза на финализирање на техничките и логистичките детали за организација на чартер-летови. Целта на Министерството е, во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати и Катар, да обезбеди неколку чартер-летови за евакуација на пријавените лица“,
велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Истовремено, велат оттаму, македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) прават и посебен план за евакуација на граѓаните кои се во Бахреин и Кувајт.
Од ресорното Министерство додаваат дека остануваат во постојан контакт и на целосно располагање на македонските граѓани кои се наоѓаат во подрачјата погодени од конфликтот на Блискиот Исток, како и дека се во редовна комуникација со надлежните локални власти, со цел безбедно и навремено да се спроведе евакуацијата.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, уште еднаш апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС-бројот на Министерството.
Инаку, како што информираа од српското Министерство за надворешни работи ноќеска во Белград слетал авион на „Ер Србија“со 67 патници евакуирани од Израел. Тие во Србија пристигнаа преку градот Шарм ел-Шеик во Египет, од каде што било полетувањето. Покрај државјани на Србија, на евакуацискиот лет имало и државјани на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Хрватска.
