Адвокатот Стевановски денеска на прес-конференција, соопшти дека во кривичната пријава наведува дека шест службени лица, односно градоначалникот на Демир Хисар Никола Најдовски, директорката на училиштето што тој ја назначи, на местото на Лозановска, двајца просветни и двајца полициски инспектори организирале незаконски активности за разрешување на директорката Маја Лозановска, а целта била да се реализираат вработувања по партиски клуч
Жарко Стевановски, адвокат на Маја Лозановска денеска до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против шест службени лица во врска со разрешувањето на Лозановска од директорската функција во СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар и настаните што уследија потоа.

Стевановски денеска на прес-конференција, соопшти дека во кривичната пријава наведува дека шест службени лица, односно градоначалникот на Демир Хисар Никола Најдовски, директорката на училиштето што тој ја назначи, на местото на Лозановска, двајца просветни и двајца полициски инспектори организирале незаконски активности за разрешување на директорката Маја Лозановска, објави ТВ Телма.
Целта, според адвокатот, била да се реализираат вработувања по партиски клуч на технички персонал и наставен кадар во средното училиште.
„Се потврди основот на сомневање дека во временскиот период од петти месец (мај), па заклучно со 08.08. 2025 година организирано со цел да овозможат партиски вработувања, односно вработувања по партиски клуч презеле секој во свој домен соодветни дејстивија заради реализација на распишаниот оглас за вработување на 19 лица, технички персонал и наставен кадар во Средното училиште“,
рече адвокатот Жарко Стевановски.
Опишувајќи ги детално улогите на секој од пријавените, адвокатот рече дека градоначалникот Најдовски побарал инспекциски надзор во гимназијата, иако претходно веќе била извршена контрола која не констатирала неправилности.
Според него, при новата контрола инспекторите утврдиле пропусти и истиот ден донеле решени врз основа кое градоначалникот прво назначил нов директор, а потоа ја разрешил Лозановска. Со ова, како што рече, била создадена ситуација да има двајца директори во гимназијата.
Исто така, адвокатот тврди дека двајцата пријавени полициски инспектори без да извршат претрес во училиштето, иако за тоа имале судска наредба, лажно пријавиле дека директорката Лозановска ги уништила службените печати. Стевановски се осврна и на барањето на инспекторите Лозановска на носилки да биде однесена на информативен разговор во полиција, иако таа била на боледување.
Според него станува збор за, како што вели, класичен пример на злоупотреба на службените функции за партиски цели.
„Преку овој пример пластично се гледа за што Државниот просветен инспекторат, во зависност од тоа кој е на власт, не ги делам властите на оваа или онаа, само укажувам дека се користи како алатка за побрзо разрешување на постојни директори кои не се од постојна гарнитура, односно се различни од гарнитурата на власт и се користи како механизам за вршење на полтички притисоци“,
вели Стевановски.
Неговата клиентка, Маја Лозановска вели дека поради настаната ситуација работата на училиштетот е речиси блокирана, бидејќи службените печати се одземени од Обвинителството. Инаку, Лозановска, како што наведува Телма, во Централниот регистар сè уште фигурира како директорка на гимназијата.
Вели дека вработените сè уште немаат добиено плата, а не се знае и како на учениците кои полагале матура во августовскиот испитен рок ќе им се издадат дипломи.

Директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, беше разрешена по решение добиено од Државниот просветен инспекторат, во кое градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, вели дека било наведено оти требало да постапи веднаш и без одлагање за нерегуларности кои ги утврдил Инспекторатот во учебната 2023-2024 година.
Најдовски во телевизиско гостување на 14 август изјави дека разрешувањето на директорката било законско затоа што е псотапено по решение од Државниот просветен инспекторат.
Најдовски ја разреши Лозановска на 6 август и за в.д. директор ја назначи Јасмина Дамчевска.
Пред точно една недела, односно на 15 август, Министерството за внатрешни работи соопшти дека Одделението за внатрешни работи Демир Хисар поднело кривична пријава против 57-годишната разрешена директорка. Таа се сомничи за сторено кривично дело одземање или уништување службен печат или спис, според член 390 од Кривичниот законик.
Според Министерството за внатрешни работи, пријавената во периодот од 6 до 13 август годинава незаконски ги скрила службените печати на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар. Со ова, печатите станале неупотребливи и новоименуваната в.д. директорка не можела да раководи со нив.
За потсетување, вечерта на 8 август полицијата изврши претрес во училиштето и во домот на Лозановска, а случајот го привлече вниманието на јавноста откако на социјалните мрежи беше објавено видео од претресот, каде началникот на полицијата инсистира таа на носилки да биде спроведена на информативен разговор.
Против началникот е поведена дисциплинска постапка, а од МВР најавија негово разрешување.