Најзастапени акти на насилство се: говор на омраза, навреди и клевети, мизогнистички и сексистички закани. Министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска вели дека секоја жена во политиката барем еднаш искусила некаков вид насилство
Шест од десет жени политичарки искусиле некаков вид насилство. Пет од десет изјавиле дека насилството дошло од припадници на нивната политичка партија, но 62 отсто одлучиле да не го пријават инцидентот од страв или недоверба во институциите. Ова се дел од резултатите од квалитативното истражување на Националниот демократски институт (НДИ) и Институтот Охрид спроведено врз десет политички партии во Северна Македонија минатата година.
Само 26 отсто од испитаничките изјавиле дека нивните партии имаат механизми за регулирање на однесувањето на своето членство. Најзастапени акти на насилство се: говор на омраза, навреди и клевети, мизогнистички и сексистички закани.
Дополнително, НДИ спровеле истражување за интегритетот на седум политички партии во Македонија. Утврдено е дека 68 отсто од испитаниците посочиле дека нивните партии имаат интерни кодекси на однесување, но само 28 отсто изјавиле дека кодексите секогаш се применуваат.

Поради ваквите околности, Националниот демократски институт отпочнува кампања за елиминација на насилство врз жени во политиката, под слоганот „Заокружи НЕ за насилство врз жените во политиката“. Вишиот резидентен директор на НДИ, Роберт Скот Хејзлет истакна дека целта на кампањата е да се поттикне солидарност со жените од јавниот живот и да се гради политичка култура која ќе го поттикне учеството на жените на сите нивоа на општеството.
„Со поддршка од страна на кампањата ‘Футура 2/2’ ќе се подигне свеста за насилство врз жените во политиката како онлајн, така и преку билборди и во електронски медиуми. Ќе се поттикне социјална интеракција за да се поттикнат граѓаните да го афирмираат ставот дека не е прифатливо да се оцрнуваат, омаловажуваат, злоупотребуваат и напаѓаат жените во печатот, онлајн и во јавноста врз основа на нивниот род и ќе ги обврзе политичките партии и медиумите на етичко и одговорно однесување“,
кажа Хејзлет.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека жените во политиката, и покрај тоа што се наоѓаат на позиции како креатори на политики и носители на одлуки, сепак се жртви. Таа вели дека секоја жена политичарка, барем еднаш, искусила некаков облик на насилство.
„Ова е прашање кое ги обединува жените кои би влегле политиката на кое било ниво, женски форуми, локални совети, политички партии, пратенички, министерки. Преку личното искуство, одговорно тврдам дека секоја од нас, барем еднаш во политичката кариера искусила некаков облик на насилство и никогаш не е лесно да се биде жртва. Жените политичарки прво се гледаат како женски објект, дали е згодна или дебела, дали е деколтето длабоко, а здолништето кратко, дали има предизвикувачки црвен кармин или надградба на ноктите, наместо да се слуша и гледа што говори, за што се залага, кого застапува и колку е успешна. Затоа притисокот врз жените во политиката е далеку поголем од притисокот врз мажите. Успех на маж е прифатлив, но не и на жена. Затоа ја поддржувам оваа кампања“,
кажа Шахпаска.