Од полицијата велат дека по завршувањето на увидот на местото на настанот биле земени изјави од граѓани, како и снимки од видеонадзор од неколку објекти, по што осомничениот бил уапсен

Шест лица се ранети по пукање што се случило околу полноќ во кафуле во центарот на Подгорица. Едно од лицата е со потешки повреди, додека другите пет со полесни, информираат од црногорската полиција.
Според информациите, синоќа околу 20 минути по полноќ, дежурната служба на Одделот за безбедност на Подгорица добила пријава дека е употребено огнено оружје во градината на ресторанот „Зашто“ во центарот на градот.
„Во таа пригода, шест лица се здобиле со повреди, од кои пет се полесни во долните екстремитети, додека едно лице добило прострелна рана во пределот на грбот и нема опасност по животот“,
се наведува во информацијата од полицијата.
На повредените веднаш им била укажана медицинска помош во Клиничкиот центар на Црна Гора.
Полицијата го идентификувала Михаил Лакушиќ од Подгорица како осомничен, кој по пукањето избегал.
Од полицијата велат дека по завршувањето на увидот на местото на настанот биле земени изјави од граѓани, како и снимки од видеонадзор од неколку објекти, по што осомничениот бил уапсен.
„За краток временски период, осомничениот Л.М. беше пронајден и уапсен на улицата ’Фрушкогорска’ во населбата Мало Брдо“,
соопшти полицијата.
Според информациите што ги пренесуваат црногорските медиуми, на настанот му претходела кавга.
Вишото државно обвинителство во Подгорица било известено за инцидентот, а обвинител спровел истрага со полицијата.
Од полицијата велат дека осомничениот Лакушиќ ќе биде предаден на обвинителството во законски рок.