Четворица се осудени за инволвираност во неовластено купување на 15 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава, од кои тројца добија по пет години затвор, а еден шест години. Други двајца се осудени за злосторничко здружување со цел вршење кривично дело двојно убиство од одмазда и по порачка, од кои едниот на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци, а другиот на единствена казна од 15 години
Шест члена на криминалната група од Грчец, кои беа уапсени во јануари минатата година, добија вкупно 50 и пол години казна затвор, пренесува МИА.
На денешното изрекување на пресудата четворица од нив се осудени за инволвираност во неовластено купување на 15 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава, а двајца за злосторничко здружување со цел вршење кривично дело двојно убиство од одмазда и по порачка.

Судот ги прогласи за виновни Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени и Бесим Асани за виновни за кривично дело – неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од Кривичниот законик.
Така, Бајрамовски, Азири и Исени се осудени на казна затвор од пет години, а Асани на шест години.
Другите двајца судот ги прогласи за виновни дека сториле кривични дела – злосторничко здружување и убиство од Кривичниот законик.
Фати Сулејмановски е осуден на казна затвор од една година и шест месеци за делото – злосторничко здружување и 14 години затвор за делото – убиство или на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци.
Шулејб Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од две години за кривичното дело – злосторничко здружување и 14 години за делото – убиство или на една единствена казна од 15 години.
Судијката Фанка Јанчулова-Михаиловска при објава на пресудата рече дека околноста за постоење криминална група се потврдува преку континуирано повторување и организирање набавка на наркотична дрога, а друга околност е користење на исто возило марка „порше кајен“ при набавка на дрога од Албанија, а потоа од Белгија.
Групата не дејствувала инцидентно, туку континуирано, најмалку од 2019 до март 2021 година, а во истрагата се опфатени најмалку 15 лица, од кои сега дел се починати, а дел се се уште недостапни на органите на прогон.
„Фадил Бајрамовски јасно знаел и комуницирал и договарал преземање и пренос на дрогата преку апликацијата Скај, додека обвинетиот Бесим Асани не е лице што случајно ја пренел дрогата, туку јасно знаел и престојувал месец и половина во Белгија. Анализирајќи ја комуникацијата од апликацијата за преземање на дрогата од Албанија јасно е дека Косоварот е обвинетиот Севди Азири кој ја пренел дрогата од Албанија“,
рече судијката Јанчуловска-Михаиловска.
Од јуни 2019 до март 2021 година Шеваљ Муареми и други непознати лица недостапни на органите на прогон формирале и раководеле со група за транспорт и неовластено пуштање во промет на дрога во Македонија.
Групата договорила набавка на 14 килограми кокаин од Албанија по цена од 33 илјади евра за килограм и потоа организирала транспорт преку Косово во Македонија.
При објава на пресудата, судијката рече и дека убиството е дел од поголем криминален план за убиство на лица што им пречат и за што е потврда фактот дека жртвата е рационално и свесно одбрана.
„Тие свесно одлучиле и останале на одлуката за двојното убиство, што е одлика на криминалната група. Од комуникацијата на Скај, факт е дека жртвата е рационално и свесно одбрана, како и набавката на пиштол со придушувачи, панцири и флешери за автомобил. Од комуникацијата јасно е дека двојното убиство е поврзано со престрелката со криминалната група од Дуќанџик во ‘Александар палас‘. Најмалку тројца учествувале во двојното убиство, без разлика дали Фати или Шулејб пукал или само управувал со возилото“,
кажа судијката.
Одбраната реагираше на дел од обезбедените докази преку апликацијата Скај, но судот, како што посочи таа, ги прифати бидејќи се добиени со меѓународна правна помош од Франција.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) во јануари 2024 година отвори истрага против 15 лица, а во јули истата година до Кривичниот суд поднесе обвинителен акт против пет лица.
За четири лица што се недостапни за органите на прогонот, Обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја.
За две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), за едни лице до Република Хрватска и за едно лице до шпанските власти.
Од Обвинителството соопштија дека постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени