Министерството за финансии минатиот месец испрати барање до 21 меѓународна финансиска институција и странски комерцијални банки за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга вдолж Коридорот 10. Рокот за доставување на понудите истече на 7 јули
Шеснаесет меѓународни финансиски институции и комерцијални банки се заинтересирани за финансирање на изградбата на брзата пруга од Коридорот 10, соопшти денеска Министерството за финансии (МФ).

Во следниот период ќе се врши анализа и евалуација на пристигнатите понуди.
Министерството за финансии минатиот месец испрати барање до 21 меѓународна финансиска институција и странски комерцијални банки за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга вдолж Коридорот 10. Рокот за доставување на понудите истече на 7 јули.
Износот што се бара за реализација на проектот, како што информира ресорното министерство, е 1,91 милијарда евра.
Министерството за финансии го испраќа барањето за пројавување интерес со меѓународните финансиски институции врз основа на заклучок на Владата и врз основа на законските прописи, односно Законот за јавен долг.
Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и „МЖ инфраструктура“, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена изјави дека има интерес за финансирање на проектот за брзата пруга од Коридорот 10 од финансиски институции што досега не биле присутни во овој дел од Европа.
Брзата пруга ја најави министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ кон крајот на април годинава.
Тој рече дека Македонија сама ќе инвестира во брза пруга од Табановце до Гевгелија, а изградбата на овој проект ја процени на околу две милијарди евра.
Николоски тогаш посочи дека поврат на инвестицијата се очекува за 10-12 години.
Меѓу другото, Николоски рече дека изградбата на пругата ќе биде инвестиција на државата, односно дека таа нема да оди под концесија или јавно-приватно партнерство, а очекува во 2031 година таа веќе да биде пуштена во употреба.