Министерката вели дека помина времето кога министри за одбрана од регионот даваат изјави со какви што настапува нејзиниот бугарски колега
Помина времето кога министри за одбрана во регионот даваат изјави, како таа што ја изнесе бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни. Таков начин на комуникација не им доликува на земји членки на НАТО, оцени денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска коментирајќи ги настапите во врска со Северна Македонија на својот колега од Софија.
Последната изјава на Каракачаов е дека е подготвен да испрати инженериски полк во Северна Македонија за да ги демонтира сите споменици каде што пишува бугарски фашистички окупатор.
„Македонскиот јазик, македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговори ниту политички препукувања нема да ја сменат таа реалност. Меѓутоа, можеме да направиме подобра иднина за нашите народи и да создадеме повеќе шанси за нашите млади. Ние така ја гледаме нашата задача“,
изјави Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање по свеченоста по повод промоција на потпоручници и заклетва на питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Таа потенцира дека ќе продолжи да ги испраќа истите пораки како и во изминатите години, а тоа, како што нагласи, е дека нашите граѓани очекуваат да им се обезбеди безбедност и стабилност, што зависи и од добрососедските односи.
„Затоа очекуваме Бугарија, која беше една од државите во регионот што од самиот почеток ја поддржа нашата независност, но и нашето членство во НАТО и во ЕУ, тоа да го прави и сега, бидејќи пријателските народи, македонскиот и бугарскиот, можат да одат напред само ако се поддржуваат меѓусебно“,
рече Шекеринска.
За најавите на Пентагон за праќање оклопни возила на Балканот, Шекеринска одговори дека тие изјави само покажуваат дека претходните тези оти САД го губат интересот за Европа и не се веќе подготвени да инвестираат во трансатлантското партнерство не биле реални.
„Мислам дека ова го покажува и интересот на САД, но и интересот на целиот северноатлантски регион да инвестира во зголемено воено присуство, како порака дека безбедноста на секој сојузник е безбедност и на Алијансата“,
истакна Шекеринска.