По осум години, Радмила Шекеринска се повлекува од втората функција во партиската хиерархија
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, актуелна заменик-претседателка на СДСМ, објави денеска дека не е кандидатка за функција на претстојниот изборен конгрес на партијата, најавен за 16 мај. Со оглед на тоа што највисоката функција за која треба да гласаат делегатите е заменик-претседател на СДСМ, по денешната изјава се чини извесно дека Шекеринска заминува од, формално втората позиција во партијата, што таа ја извршуваше од 2013 година, кога беше избрана во тандем со партискиот лидер Зоран Заев, за потоа заедно да бидат реизбрани на конгресот во 2017 година, со нов мандат од четири години.
„Добив прашање од мојата општинска организација дали сум кандидат, кажав дека не сум, затоа што сметам дека и СДСМ и политичката сцена на Северна Македонија, одат напред кога постојано продуцираат нови кадри. Апсолутно, пристапот кон конгресот треба да ни биде да формулираме и нови политики, а тие да бидат подобри“,
изјави денеска Шекеринска.
Шекеринска одговори и на прашањето дали е потенцијална кандидатка за амбасадорка во САД.
„Во ниту еден момент не сум учествувал во дискусија по ова тема. Таа тема долго време беше интересна за јавноста, имаше информаци, дезинформаци, деманти. Мислам дека е тема кој не треба вака да се дискутира. Се работи за многу важно место, се работи за место кое што особено станува значајно имјаќи предвид дека новоизбраниот претседател на САД доаѓа со една нова поактивна политика и на Балканот. Тоа е прашање за кое не се дискутира преку изјави, туку во рамки на МНР, па во Владата и во соработка со претседателот. Јас се чуствувам заморено да дезинформираме, па да демантираме. Мислам дека е срамота за едно такво место да се игра медиумска игра“,
истакна Шекеринска.
Амбасадорското место во Вашингтон, едно од најпрестижните и најважните, и натаму е меѓу дипломатските позиции на земјава што подолго време не се пополнети.
Минатиот месец, се одржаа првите непосредни избори за лидер на СДСМ, на кои Заев беше реизбран на чело на партијата, но овој пат со учество на целото членство во гласањето. Тој во својата програма за новиот мандат најави и кадровска реформа во партијата.
На конгресот на 16 мај, пак делегатите ќе гласаат за нов заменик-претседател на СДСМ, но кандидатот за тоа местоќе го предложи Заев. Конгресот, исто така, треба да избере и нов состав на Централниот одбор на партијата и нов Надзорен одбор. Најтесното партиско раководство потоа ќе го составува Заев, така што од новоизбраните членови на ЦО ќе треба да избере нови потпретседатели (веројатно тројца, како што се најавува) и петнаесетина членови и на Извршниот одбор, како и генерален секретар на партијата.
Функцијата заменик-претседател на СДСМ беше воведена во СДСМ во 2013 година, преку статутарни промени. Шекеринска, која беше и претседаелка на СДСМ во периодот 2006 – 2008 година, е прва носителка на заменик-претседателската функција во партијата, за која се предвидени прближно исти надлежности како и за лидерот на партијата.