„Од 1990-ите до денес, Алијансата го поддржува мирот и стабилноста низ целиот Западен Балкан. Регионот е од стратешко значење за НАТО. Нашата посветеност е цврста. Постојат некои актери во регионот и пошироко, кои сакаат да го вратат времето назад и да го анулираат напредокот што е постигнат во Западен Балкан. И покрај низата безбедносни предизвици со кои се соочуваме, никогаш не смееме да дозволиме мирот да биде загрозен“, вели заменик-генералната секретарка на НАТО
Многу внимателно ја следиме состојбата на Блискиот Исток. И покрај низата безбедносни предизвици со кои се соочуваме, никогаш не смееме да дозволиме мирот да биде загрозен – вели заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за „Рацин.мк“, говорејќи за актуелниот конфликт на Блискиот Исток, во насока на тоа колку Алијансата реално би реагирала доколку ризиците од војната го засегнат регионот.

„Од 1990-ите до денес, Алијансата го поддржува мирот и стабилноста низ целиот Западен Балкан. Регионот е од стратешко значење за НАТО. Нашата посветеност е цврста. Постојат некои актери во регионот и пошироко, кои сакаат да го вратат времето назад и да го анулираат напредокот што е постигнат во Западен Балкан. И покрај низата безбедносни предизвици со кои се соочуваме, никогаш не смееме да дозволиме мирот да биде загрозен“,
вели Шекеринска.
Заменик-генералната секретарка на НАТО вели дека одвраќањето и одбранбениот став на Алијансата остануваат силни во сите домени. Во оваа смисла потенцира дека успешно се пресретнати балистички ракети од Иран кон Турција во повеќе наврати од почетокот на конфликтот. Воените сили на НАТО остануваат будни, вели Шекеринска и додава дека редовно се одржува контактот со сојузничките и со лидерите од партнерите на НАТО во регионот.
Северна Македонија е извозник на безбедност
Говорејќи за придобивките од зачленувањето на земјава во НАТО, Шекеринска вели дека со членството во Алијансата, Македонија има 31 пријател и сојузник покрај себе. Од конкретните придобивки, издвои дека грчки и италијански борбени авиони патролираат за да ги одржат безбедни воздушниот простор и населението.
Членството во НАТО, додаде Шекеринска, значи и придонес кон евроатлантската безбедност.
„Нашите војници служат во Напредните копнени сили на НАТО во Бугарија и Латвија и ние продолжуваме да играме многу важна улога во обезбедувањето стабилност на Западен Балкан, со 70 војници кои служат во КФОР, мировната мисија на НАТО во Косово. Исто така, Северна Македонија сега е извозник на безбедност. КФОР е клучен фактор за регионалната стабилност, бидејќи помага да се одржи безбедна и сигурна средина за сите луѓе што живеат во Косово, под долгогодишен мандат на Обединетите нации“,
вели заменик-генералната секретарка на НАТО.
Како важни, Шекеринска ги истакна инвестициите во одбраната кои, како што рече, треба да достигнат 5 отсто од БДП на земјите сојузнички до 2035 година. Таа во оваа смисла потенцира дека безбедноста и слободата не доаѓаат бесплатно, велејќи дека инвестициите во безбедноста се неопходни за Алијансата да може да се осигури дека може да продолжи да одвраќа и да се брани од оние кои потенцијално би ѝ наштетиле.
