Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за „360 Степени“ на Алсат зборуваше за најавата според која грчкото воздухопловство ќе биде задолжено за надгледување и на македонското небо по влегувањето на Северна Македонија во НАТО.
Таа кажа дека логиката на НАТО е да се воспостави „паметна одбрана“ според која малите земји не можат да си дозволат да имаат се, па затоа тие кои имаат искуство, знаење и опрема се специјализираат и го нудат на помалите. Таа кажа дека има повеќе различни модели за надгледување на небото на земјите членки, но во секој од нив важна е близината за поголема ефикасност и намалување на трошоците.
– Во овој момент ние ја имаме добиено грчката понуда и ги правиме првите консултации и со НАТО, во таа смисла, да ги чуеме размислувањата и за техничките можности и за факторите коишто треба да ги земеме во предвид, и веднаш потоа ќе носиме домашна одлука. Меѓутоа, факт е дека, со сите плусеви и минуси во нашите меѓусебни односи, дури и кога ни биле најслаби односите, сите признаваат дека грчката авијација е една од поразвиените, поради познати причини. Меѓу другото, и односите со Турција влијаеа, контрола на прилично комплицирана географија. И да не дојдеше понудата, претпоставките на сите експерти се дека Грција ќе беше дел од аранжманот, дури и ако побаравме директно совет од НАТО – рече Шекеринска.
Таа рече дека аранжманот не подразбира постојано присуство на воени авиони на друга држава на територијата на Северна Македонија, туку 2 авиони треба да бидат подготвени во секој момент да полетаат во случај на неидентификувани авиони или било каков аларм, забележувајќи дека контролата се врши преку радари.
– Факторот растојание е многу важен фактор. Вие не можете да ги повикате авионите од Канада да дојдат, ако некој се појави над македонското небо – рече Шекеринска.
Во случај кога Грција би го обезбедувала нашето небо, авионите задолжени за тоа би биле стационирани на аеродромот Микра во близина на Солун.
Напишете коментар