Очекуваме уште во текот на оваа година целосно да започнат преговорите за членство на земјава во ЕУ, но приоритетот сега е здравјето на граѓаните, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање, зошто на Самитот ЕУ и Западен Балкан фокусот беше ставен на пандемијата, а не на проширувањето.
„Пред пет години или пред 10 години ќе ни беше битен самит на којшто ќе се спомне зборот ‘проширување’. Сега зборот ‘проширување’ и зборот ‘пристапни преговори’ веќе се дел од заклучоците на ЕУ што се однесуваат на Северна Македонија. Имаше многу скептици, имаше луѓе кои тврдеа, особено од опозицијата, дека оваа година нема шанси Северна Македонија да ги почне преговорите, меѓутоа ЕУ покажа дека во најтешките моменти, а тоа беше крајот на март, кога епидемијата стана проблем број еден во светот, успеаја да постигнат целосен консензус и да донесат одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија“,
рече министерката.
Нормално беше, додаде таа, дека загрепскиот самит целосно ќе биде во функција и во сенка на епидемијата.
„Во секоја од нашите држави гледаме дека се друго стана второстепено прашање бидејќи кога имате битка за здравје и за живот, тоа секогаш има приоритет. И она што мислам дека и самитот покажа, е дека Европската унија за многу брз временски период успеа да покаже врвно единство и врвна солидарност и кон нас. Парите кои веќе ги добивме се многу значајни и за борбата со епидемијата, но и за нашиот буџет и за нашата економска состојба. Но, она што се кажа и на Самитот, е дека Унијата планира дополнителни финансиски средства со кои ќе го помогне економскиот развој и битката со епидемијата на целиот регион. Ние сме во постојана битка, од една страна да заштитиме животи, да го заштитиме здравјето, но од друга страна да и дадеме шанса на економијата да го преживее овој голем удар“,
рече Шекеринска при посетата на Неготино каде што беше на увид на реконструкцијата на патниот правец Криволак – Пепелиште, додавајќи дека затоа се инвестирало во овие две стратегиски цели.
