Поместувањето на геополитичките тектонски плочи реално ја подотвори вратата на наше идно членство во ЕУ, но тоа нема да трае долго, вели потпретседателката на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Во најновото издание на списанието „Предизвици“, таа оценува дека земјите кои ќе успеат да ја искористат отворената врата ќе бидат идните членки во следните десет години, додека другите ќе останат во досегашното лимбо: до Европа, но не во неа, потенцира Шекеринска.
„Украина, на крајот на годината веројатно ќе ги почне преговорите со ЕУ. Сакале или не, тоа ќе создаде две подгрупи во процесот: држави коишто преговараат и држави коишто чекаат. Очекувањата дека нема потреба за брзање (и онака процесот ќе трае), дека знаат оти повеќе заслужуваме – се погрешни, нереални и опасни. Колку пати сме чуле и кажале дека членството во ЕУ се ’одработува’ дома? Колку пати сме коментирале дека вредноста на проширувањето не е само крајната цел, туку: процесот на домашни реформи, градење посилни институции и создавање подобра држава за граѓаните? Колку пати сме се „колнеле“ во копенхашките услови како рецепт за одговорна политика? Безброј пати. За жал, исто толку пати сме се пожалиле дека не успеавме да ги вградиме реформите и проширувањето во позитивна спирала во која тие меѓусебно ќе се хранат и ќе го трансформираат општеството преку: внатрешен консензус, силен реформски порив и ЕУ награди“,
образложува Шекеринска.
Во магазинот со наслов „Ревидиран ЕУ пристапен процес, нов геополитички контекст, нови можности, стари ризици“, таа посочува дека не постои европски потег кој може да ја реши Рубиковата коцка што сега е во наши раце.
„Резолуцијата за поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура од германскиот Бундестаг, најавите за сличен документ од Франција, изјавите на ЕУ функционерите дека Бугарија нема да може да го блокира понатаму процесот со други барања, па дури ни неодамнешната нервоза на бугарскиот претседател Радев – очигледно не се доволни за да го сменат ставот на опозицијата, ниту расположението на граѓаните. Според последните анкети, 56% од македонските граѓани се против внесување во Уставот и на бугарската етничка заедница заедно со другите. Дури и во услови на дополнителни гаранции, над 45% од анкетираните остануваат против, додека 36% во тој случај би дале поддршка“
додава потпретседателката на ПЕС.
Шекеринска истакнува и дека не постои нов пристап во ЕУ проширувањето, нова методологија или ревидирани правила кои ќе бидат „спасоносно решение“ во актуелната геополитичка конфронтација.
„Нема трик кој ќе нè спаси од стратешката грешка на почетокот од текстот. Единственото решение е многу напорно и многу едноставно: Западен Балкан и Европската Унија да обезбедат повеќе искреност, поголема мобилизација и подобри резултати. Исполнетиот збор е најмоќното оружје“,
потенцира Шекеринска.