Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска го посети Криви Дол, каде што е лоциран и армискиот склад за резерви на муниција, кој вчеравечер беше под закана на огнена стихија. Со брза реакција на Армијата, во соработка со локалната самоуправа во Штип, пожарот е ставен под контрола, а складот е заштитен.
„Денеска сум во Овчеполието и во овој регион за да изразам огромна благодарност и да честитам на припадниците на Армијата кои во текот на вчерашниот ден помагаа во сите општини, но успеаја навистина да дадат натчовечки напори заедно со Општина Штип да го обезбедат магацинот во кој што нашата Армија ги чува резервите на муниција и којшто би претставувал ризик за сите нив и за сите нас како граѓани. Тие успеаја навистина во текот на ноќта, кога се сметаше дека е ризична ситуацијата, целосно да го заштитат објектот и целосно да го заштитат локалното население“,
рече министерката.

За денешната состојба Шекеринска информираше дека припадниците на Армијата остануваат целосно активни на терен во поддршка на заедничките напори за справување со пожарите и порача дека граѓаните можат да се потпрат на институциите кои, пак, мораат да продолжат да инвестираат во системот за заштита и спасување.
Претходно и Министерството за одбрана информираше дека во текот на попладневните часови по отпочнување на ширење на пожарот со менување на насоката на ветерот, кој се движел во правец на Штип, врз основа на претходно координирано информирање од терен, уште со самиот почеток на засилениот ветер и промена на правецот на пожарот, од страна на Армијата на Република Северна Македонија беа преземени сите потребни противпожарни мерки за безбедност на воениот објект.
„Воени инженериски машини и механизација, како и ангажирање на триесетина армиски припадници се превземаа превентивни активности во однос на проширување на постоечниот противпожарен појас околу објектот кој задолжително го имаат сите воени складови, како и подготвеност на противпожарната опрема во објектот зајакната со една воена цистерна при што и по непосредното приближување на пожарот ризикот од несакани последици беше сведен на минимум“,
соопштија од Министерството за одбрана.