Во емотивно обраќање на годишното собрание на СЗО вчера, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека војната му штети на Израел и нема да донесе трајно решение
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) го повика Израел да покаже милост во војната во Газа и нагласи дека мирот е во интерес на Израел.

Во емотивно обраќање на годишното собрание на СЗО вчера, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека војната му штети на Израел и нема да донесе трајно решение.
„Можете да замислите какво страдање имаат луѓето. Навистина е погрешно да се користи храна како оружје. Многу е погрешно да се користат медицински материјали како оружје“,
рече Гебрејесус.
Обединетите нации вчера почнаа со дистрибуција на помош, со околу 90 камиони што ја превезуваат, првите испораки на помош во Газа откако Израел воведе целосна блокада на 2 март.
Тедрос рече дека само политичко решение може да донесе значаен мир.
„Повикот за мир е всушност во најдобар интерес на самиот Израел. Сметам дека војната е штетна за самиот Израел и нема да донесе трајно решение. Ве молам, можете ли да имате милост? Тоа е добро за вас и е добро за Палестинците. Тоа е добро за човештвото“,
изјави првиот човек на СЗО.
Извршниот директор на Програмата за здравствени итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, рече дека 2,1 милиони луѓе во Газа се во непосредна опасност од смрт.
„Мораме да го запреме гладот, мора да ги ослободиме сите заложници и мора да се снабдиме себеси и да го вратиме здравствениот систем во функција. Како поранешен заложник, можам да кажам дека сите заложници треба да бидат ослободени. Нивните семејства страдаат“,
рече тој.
СЗО соопшти дека жителите на Газа страдаат од акутен недостиг на храна, вода, медицински материјали, гориво и засолниште. Четири големи болници мораа да ги прекинат медицинските услуги минатата недела поради близината до конфликтни или евакуациски и нападни зони.
Само 19 од 36-те болници во Појасот Газа остануваат оперативни, а персоналот работи во невозможни услови, се вели во соопштението на здравствената агенција на ОН.
„Најмалку 94 проценти од сите болници во Појасот Газа се оштетени или уништени, додека северна Газа е лишена од речиси секаква здравствена заштита“,
се вели во соопштението.
Во него се додава дека само 2 000 болнички кревети останале достапни на целата палестинска територија – бројка недоволна за да ги задоволи моменталните потреби.
„Уништувањето е систематско. Болниците се обновуваат и се снабдуваат, само за да бидат изложени на непријателства или повторно нападнати. Овој деструктивен циклус мора да престане“,
се заклучува во соопштението на здравствената агенција на ОН.