Во изјава за Си-ен-ен по средбата со американскиот претседател, Руте одбил директно да каже дали Трамп ја искажал својата закана за повлекување од воениот сојуз поради војната со Иран

Марк Руте, генералниот секретар на НАТО, изјави дека Доналд Трамп е „очигледно разочаран“ што сојузниците на САД одбија да се приклучат на нивната војна против Иран. Изјавата на Руте доаѓа по состанокот со Трамп што се одржал вчера во Вашингтон.
Во изјава за Си-ен-ен по средбата со американскиот претседател, Руте одбил директно да каже дали Трамп ја искажал својата закана за повлекување од воениот сојуз поради војната со Иран. Тој разговорот го опишува како „многу искрен и отворен“ меѓу „двајца добри пријатели“.
Средбата меѓу Трамп и Руте доаѓа откако неколку часа претходно САД и Иран се согласија на двонеделен прекин на огнот што вклучува отворање на Ормускиот Теснец. Договорот беше постигнат откако Трамп се закани дека ќе ја нападне цивилната инфраструктура на Иран, предупредувајќи дека „цела цивилизација ќе умре“ ако Техеран не дозволи безбеден премин низ теснецот до рокот што го наметна претседателот.
Во последните денови, коментарите на Трамп предизвикаа загриженост за можното излегување на САД од НАТО, поради неговите критики за она што тој го смета за недоволна поддршка од партнерите од Алијансата за конфликтот во Иран.
„Тој јасно ми кажа што мисли за тоа што се случи во последните неколку недели“,
рече Руте во изјава за Си-ен-ен одбивајќи да одговори на конкретни прашања за тоа дали Трамп изразил желба да го напушти НАТО.
Целта на средбата, како што пишуваат светските медиуми, била Руте да го убеди Трамп дека е во негов интерес и на Америка да остане во НАТО алијансата.
По состанокот со Руте, Трамп се огласи со објава на неговата платформа Трут соушал.
„НАТО не беше таму кога ни беше потребен, и нема да биде таму ако ни биде повторно потребен“,
напиша Трамп.
Американскиот претседател напиша дека сојузниците треба да се сетат на Гренланд, кој го опиша како „големо, лошо водено, парче мраз“.
На прашањето за улогата на НАТО во тековниот конфликт со Иран, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, вчера, во цитирајќи го претседателот рече дека НАТО бил „тестиран и не успеал“.
Ливит рече дека земјите од НАТО „му го свртеле грбот на американскиот народ“, кој ја финансира одбраната на своите нации, и дека Трамп ќе има „многу отворен и искрен разговор“ со шефот на НАТО.
