Некои медиумски извештаи сугерираа дека Бовино бил отпуштен од својата позиција, но Би-би-си пишува дека портпаролката на националната безбедност Триша Меклафлин го негирала тоа велејќи дека шефот на граничната патрола е „клучен дел од тимот на претседателот и одличен Американец“

Претставникот на операциите на граничната патрола Грегори Бовино и некои агенти на американската имиграциска служба Ај-си-и (ICE) се очекува наскоро да заминат од Минеаполис, пишува Би-би-си.
Додека комесарот на граничната патрола Грегори Бовино и некои од неговите агенти заминуваат, американскиот претседател Доналд Трамп го испраќа Том Хоман, познат како „граничниот цар“, во градот за да ги преземе теренските операции откако убиството на Алекс Прети во саботата доведе до ескалација на тензиите, се додава во написот.
Одлуката на претседателот Доналд Трамп може да укаже на интересот на администрацијата да се повлече од поагресивните федерални мерки во неговата национална имиграциска акција.
Некои медиумски извештаи сугерираа дека Бовино бил отпуштен од својата позиција, но Би-би-си пишува дека портпаролката на националната безбедност Триша Меклафлин го негирала тоа велејќи дека шефот на граничната патрола е „клучен дел од тимот на претседателот и одличен Американец“.
Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, по телефонски разговор со претседателот Доналд Трамп, на платформата Икс објави дека денеска федералните агенти ќе заминат од градот. Но, тој не прецизира колку агенти ќе се повлечат.
Најавите дека Бовино ќе замине од Минеаполис уследија откако Трамп изјави дека телефонски разговарал со гувернерот на Минесота, Тим Волц. За американскиот претседател тоа било „многу добар разговор“, додека Волц наведе дека разговорот бил продуктивен и оти Трамп се согласил да размисли за намалување на бројот на федерални агенти распоредени во Минесота.
Федерални агенти на американската имиграциска служба Ај-си-и (ICE) во саботата за време на интервенција во градот Минеаполис го застрелаа Алекс Прети, 37 -годишен медицински работник кој работел на оддел за интензивна нега.
Неговото убиство предизвика дополнителен бран протести и тензии во Минеаполис бидејќи станува збор за втор смртоносен случај во овој град во кој се инволвирани агенти на американската имиграциска служба Ај-си-и (ICE). Пред нешто повеќе од две недели во Минеаполис беше застрелана и убиена Рене Никол Гуд, мајка на три деца, од страна на агент на оваа федерална служба формирана од администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп за неговата кампања против илегалните имигранти.
По пукањето и убиството на 37-годишниот Прети сè посилен е притисокот врз администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп целосно да се истражи случајот.
Повици за истрага пристигнаа од двете најголеми партии од политичкиот спектар во САД.
Американскиот сенатор од редовите на републиканците, Бил Касиди, изјави дека кредибилитетот на Службата за имиграција и царина (ICE) и Секретаријатот за внатрешна безбедност (DHS) е доведен во прашање.
Членката на Претставничкиот дом на САД, Александрија Окасио-Кортез, и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, двајцата од Њујорк, исто така упатија повици до федералните имиграциски власти да ја напуштат сојузната држава Минесота.
Вчера портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека претседателот Доналд Трамп не сака да гледа луѓе повредени или убиени на улиците во САД и оти убиството на еден човек во Минесота од страна на федерални агенти го нарекол „трагедија“.
