Откако жената не дозволила да биде допирана по телото од осомничениот, тој почнал да ја тепа, а од ударите таа добила фрактура на носот, набиеници и хематоми

Основното јавно обвинителство отпочна истражна постапка и достави предлог за определување мерка притвор против шеесетгодишен скопјанец кој е осомничен за насилство врз жена.
Од Обвинителството велат дека настанот се случил во домот на осомничениот, каде што жената била отидена на кафе. До инцидентот дошло кога скопјанецот почнал да ја допира жената, а таа го одбила и му кажала да ги тргне рацете од неа.
„Потоа осомничениот почнал физички да ја напаѓа жената и да ја удира со тупаници и клоци по главата и по телото, притоа нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди. Од ударите жената добила фрактура на носот, набиеници и хематоми“,
се вели во описот од Обвинителството.
Скопјанецот потоа, додаваат од Обвинителството, ја заклучил жената во неговиот дом за да не може да излезе и ја држел таму до следниот ден.