Мишел зборуваше и за санкциите на ЕУ кон Русија и истакна дека Унијата мора да биде паметна во врска со начинот на кој ги наметнува
Украинскиот претседател Володимир Зеленски е повикан да се обрати пред Европскиот совет на самитот што ќе се одржи неделава, рече претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Во интервју за Си-ен-ен спроти состанокот во четврток, Мишел потврди дека е предложено да се обрати на самитот.
„Мораме да се погрижиме Путин да биде поразен. Тоа мора да биде заедничка цел. Тоа е прашање што ја опфаќа безбедноста, но и иднината на Европа и иднината на светот“,
рекол Мишел.
Тој рече и дека веќе одржал неколку разговори со Зеленски и рускиот претседател од почетокот на инвазијата на Украина надевајќи се дека ќе помогне во постигнувањето на прекин на огнот.
„Тоа е многу тешко бидејќи не сме сигурни дека руската Влада е искрена. Ние не сме наивни, мислиме дека се обидуваат да ја нападнат војската за да ја зајакнат својата позиција во преговорите“,
изјавил тој.
Од друга страна, како што додава Мишел, потребно е да се промени балансот на моќ за Зеленски да има подобра позиција во директните преговори со Русија.
Состанокот на Европскиот совет е закажан за 24 и 25 март, а Украина е главна тема.
Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека ќе присуствува на самитот во четврток за да разговара за Украина и трансатлантската соработка.
Мишел зборуваше и за ЕУ санкциите кон Русија, истакнувајќи дека Унијата мора да биде „паметна“ во врска со начинот на кој ги наметнува.
„Одлучивме да воведеме санкции без преседан против Русија. Целта е тоа да биде болно за нив, а не за нас“,
нагласил Мишел.