Словенечкиот премиер истакна дека со малцинската коалиција не може да ги реализира планираните проекти
Премиерот на Словенија, Марјан Шарец, најави дека денеска ќе поднесе оставка од функцијата.
Шарец истакна дека со малцинската коалиција не може да ги реализира планираните проекти и побара вонредни избори.
„Со ваква коалиција и со ваква ситуација во парламентот не можам да ги исполнам очекувањата на граѓаните. Ќе бидам во можност да го направам тоа по изборите“,
истакна Шарец на прес-конференција.
Тој додаде дека неговата малцинска влада не може да ги усвои важните закони.
Претходно, словенечкиот министер за финансии Андреј Бертонцељ поднесе оставка. Според словенечката новинска агенција СТА, најверојатно причина за оставката е несогласувањето со нацрт-законот за укинување на дополнителното здравствено осигурување.
Во летото 2018 година, словенечкиот парламент го избра поранешниот актер и комичар Марјан Шарец за премиер откако Листата на Марјан Шарeц (ЛМШ) го освои второто место на изборите, на 3 јуни истата година. Шарац, кој во два мандата беше и градоначалник на Камник, во Северна Словенија, го турна во втор план поранешниот премиер Јанез Јанша, чија СДС освои најголем број гласови, но не успеа да собере доволно партии за формирање централнодесничарска коалиција.