Независните советници се усогласиле со претставниците на СДСМ околу десетина принципи за функционирањето на новата локална власт: Стручните комисии да бидат составени исклучиво од стручни и непартиски кадри; буџетот да се изработува во соработка со граѓаните; сите податоци Општината да ги објавува во отворен формат…
Од иницијативата „Шанса за Центар“, која освои три советнички места во општина Центар, изразуваат жалење што ВМРО-ДПМНЕ и Левица не се одзвале на поканата за средба меѓу новоизбраните советници за усогласување на програмски приоритети во Општина Центар.
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ ги повика на јавна дебата сите политичките партии кои освоија места во Советот на општината за да се постигнале консензус околу приоритетите и развојните цели.
„’Шанса за Центар’ смета дека програмските цели може да се усогласат, во интерес на граѓаните и на идниот развој на општината. Жалиме што на организираната средба ВМРО-ДПМНЕ и Левица не се појавија, но прашањата од дебатата се споделени и со нив, ако се спремни барем на писмен одговор. Важно е да изградиме заеднички пристап за најважните теми од работата на општината, а за кои, сите во изборните програми имаме слични ставови“,
велат од Иницијативата.
Од Иницијативата потоа ги набројуваат принципите околу кои се усогласиле со претставниците на СДСМ, кој, пак, сега има девет советнички места во 23-члениот Совет на Центар:
1. Стручните комисии во Општината да бидат составени исклучиво од стручни и непартиски кадри;
2. Сите податоци Општината да ги објавува во отворен формат и на начин разбирлив за граѓаните;
3. Да се објавуваат јавно и да се прикажуваат на интерактивна мапа податоците за: одобренијата за градби (во одлучување и издадени); легализација на бесправно изградени објекти (во одлучување и издадени); отуѓување на државно земјиште;
4. Сите предмети во администрацијата да можат да бидат следени од граѓаните во која фаза од постапката се;
5. Буџетот да се изработува во соработка со граѓаните, односно во три фази со можност за амандмански граѓански предлози и буџетски форум;
6. Систематизацијата за работните места со сите позиции и контакти од вработените да бидат објавени на интернет страницата на општината;
7. Да се изработи функционална анализа за капацитетот на општината за аплицирање и работа со фондови и грантови од ЕУ и други донатори;
8. Да се воведе онлајн емитување на седниците на Советот во живо на интернет;
9. Да се организираат отворени денови за комуникација со граѓани во живо, но и систем за електронски пријави од граѓаните на кој навремено ќе се одговара;
10. Да се обезбеди поголема активност на одделот за локален економски развој за следење и олеснување на состојбата на малите претпријатија и мерки за користење на празните простори во државна и општинска сопственост за поттикнување на деловна активност или јавни потреби од образовен, културен или социјален карактер.
„Наша цел е креирање политики кои овозможуваат достоинствено живеење и одржлив развој. Затоа ’Шанса за Центар’ ќе продолжи да се обидува да гради мостови и соработка со сите политички субјекти застапени во Советот на општина Центар“,
се наведува во соопштението на независната советничка група.