Ако Општината реши да не го продава своето земјиште и самата определи за која намена ќе го користи, од Шанса за Центар велат дека не им е јасно за какви штети може да стане збор, а за кои зборуваат општинските власти и градоначалникот Горан Герасимовски. Заканите на сопствениците на дел од земјиштето дека ќе тужат за милионски суми надомест, и тоа што градоначалникот ги плаши граѓаните со овие тужби, според иницијативата, се само обид да се најде оправдување за она што ќе се случи со просторот кај „Треска“

Цел сме на организирана кампања полна со манипулации, невистини и закани, реагираат од Шанса за Центар откако пред два дена на прес-конференција зборуваа за нивните стравување околу урбанистичкото уредување на просторот кај поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје.
На прес-конференцијата во средата која предизвика реакции од локалните власти, од Шанса за центар рекоа дека добиле неофицијални информации дека во следните месеци ќе се спроведе спорниот урбанистички план и побараа одговори од надлежните дали е продадено државното земјиште кај „Треска“, кога конечно ќе бидат обелоденети решенијата за уредување на овој простор и зошто не се менуваат законите и уредните кои овозможуваат сопственици да си дооформуваат парцели доколку поседуваат само 30 отсто од земјиштето.
Сега велат дека реакциите кои го предизвикал нивниот настап пред два дена, ги потврдуваат нивните стравувања.
„Од реакциите на општината и градоначалникот Герасимовски јасно е дека тие не планираат ниту да ги објават, ниту да ги спроведат идејните решенија од конкурсот за ’Треска‘, иако за нив има одлука на Советот со која Советот го задолжува градоначалникот, а целата постапка е спроведена со пари на граѓаните. Со неспроведувањето на одлуките на советот, градоначалникот се става над Советот. Притоа, не одговара на прашањето врз која основа е одлучено дека овој конкурс не треба да се спроведува, а задолжението да не се почитува. Во одговорите кон нашата прес-конференција се инсинуира дека Шанса за Центар тврди дека ’земјиштето ќе се продава незаконски‘ иако ние многу јасно посочуваме дека за отуѓување на ова општинско земјиште е можно да се употребат законски механизми со кои процесот би можел да се одвива со исклучување на јавноста, на граѓаните и на Советот на општината, а со тоа и без грижа за јавниот интерес“,
велат од Шанса за центар.
Прашањата зошто не се сменети законите кои овозможуваат сопственици на 30 отсто од земјиште да си ги дооформуваат парцелите со откуп на остатокот од просторот, нагласуваат од Иницијативата, не се упатени кон Општината туку кон Владата.
Исто така, велат дека се зачудени и од заканите на сопствениците на земјиште.
„Шанса за Центар е зачудена од реакцијата и заканите на т.н. сопственици на приватни парцели во ’Треска‘. Прашањето е што и како се планира со 47% од земјиштето кое е во државна сопственост и во надлежност на Општина Центар. За имотот на Општината советниците имаат обврска да се грижат и да одлучуваат како што налага Членот 36 од Законот за локална самоуправа.Понатаму, Герасимовски вели дека е манипулација тврдењето дека тој одбива да соработува со Партиципативното тело за урбанизам, но притоа не дава пример како доказ од таа соработка со ова тело кое е оформено согласно Законот за урбанистичко планирање“,
пишува во реакцијата на оваа Иницијатива која со свои советници е застапена и во општинскиот совет.
Ако Општината реши да не го продава своето земјиште и самата определи за која намена ќе го користи, од Шанса за Центар велат дека не им е јасно за какви штети може да стане збор, а за кои зборуваат општинските власти и градоначалникот. Заканите на сопствениците на дел од земјиштето дека ќе тужат за милионски суми надомест, и тоа што градоначалникот ги плаши граѓаните со овие тужби, според иницијативата, се само обид да се најде оправдување за она што ќе се случи со просторот кај „Треска“.
„Уште еднаш повикуваме градоначалникот да одговори на следните прашања: Колку од државното земјиште ќе биде продадено на подрачјето на „Треска“ преку дооформување на парцели? Врз која основа одлучил без да има одлука на Советот да не ги објавува резултатите од конкурсот?“,
велат од Шанса за Центар.
Во средата од Општината, пак, рекоа дека досега кај нив се пристигнати шест предмети за дооформување на градежни парцели и 20 барања за откуп на земјиште под објектите кај „Треска“, но на ниту едно досега не одговориле. Во врска со конкурсот за идејни решенијата за уредување на просторот, пак, рекоа дека тој ќе се уредува заедно со ДУП-от за Буњаковац 1 и 2, а не како посебна целина.