Од Шанса за Центар најавуваат поставување сензори за бучава во Центар за постојано да може да се санкционираат оние што не ги почитуваат ограничувањата, построги критериуми за издавање паркинг-картички од ПОЦ и проверка дали катните гаражи имаат доволно паркинг-места, како што било и планирано, редовно одржување на урбаната опрема и разграничување на отпадот од домаќинствата и локалите за да не се шири лоша миризба и да може да се преработува органскиот отпад

Капиштец е под притисок на нагло зголемување на бројот на згради и на жители на почетокот на улицата „Васил Ѓоргов“ и во улицата „Козара“, велат од иницијативата Шанса за Центар, која на овие локални избори учествува со независна кандидатска листа за советници во Општина Центар.
„Улицата ’Козара‘ е последниот огромен пример на непланско и масовно градење без да се запазат основните критериуми кои треба да овозможат пристоен живот. Луѓето кои ги населуваат новите објекти и кои ќе се вдомуваат во новите згради немаат основен јавен простор, зеленило, ниту простор за движење, рекреација и за паркирање на автомобилите. Со тоа, нивниот единствен избор за некаква содржина надвор од домовите сè повеќе ќе биде паркот во Капиштец. Жителите, пак, на блоковите околу овој парк сметаат дека голем проблем е бучавата која доаѓа од рестораните и кафулињата по должина на улицата ’Народен фронт‘ и хроничниот недостаток на паркинг-места за станарите“,
соопштија од Шанса за Центар по разговорите со жителите на оваа скопска населба.
По поминатиот ден со жителите на Капиштец, кандидатите за советници најавуваат дека со нивното учество во општинскиот Совет ќе иницираат повеќе промени во однос на бучавата од рестораните и кафулињата, паркинг-просторот, разграничувањето на отпадот од домаќинствата и угостителските објекти, урбаната опрема итн.
Сензори за бучава и ревизија на паркинг-просторот
Поставување сензорска мрежа за бучава, велат од Шанса за Центар, иста како и таа за загадување на воздухот, би било со цел да се мери нивото на бучава на сите критични локации, а на таков начин ќе се овозможи и постојана контрола и санкционирање на сите што не ги почитуваат ограничувањата.
„Дополнително, предвидуваме сите поголеми извори на бучава да бидат оградени со бариери и вегетација со што ќе се ограничи ширењето на буката. Во однос на паркирањето сметаме дека општинското претпријатие ПОЦ треба да воведе поостри критериуми при доделувањето на паркинг картички со оглед на тоа што сега бројот на издадени картички двојно го надминува бројот на паркинг места во општината. Затоа, во Советот ќе иницираме контрола на сите постоечки катни гаражи во општината за да се утврди дали нивната изведба е соодветна на градежната дозвола, односно, дали гаражите го имаат паркинг просторот за кој биле планирани со оглед на тоа што во повеќето, иако се работи за гаражи, има значаен деловен простор“,
велат од Шанса за Центар.
Разграничување на отпадот
Уште еден проблем кој го нотираат од независната иницијатива по средбата со граѓаните на Капиштец е тоа што локалите постојано го истураат отпадот во комуналните контејнери, па тие секогаш се преполни и шират лоша миризба. Затоа, сметаат од Шанса за Центар, потребно е строго разграничување на отпадот од домаќинствата со оној од угостителските објекти и маркетите на тој начин што ќе се обезбедат посебни садови за сметот од локалите, а и ќе се прави селекција на органскиот отпад за тој да може да се рециклира понатаму.
Исто така, кандидатската листа најавува и редовно одржување на урбаната опрема.
„Жителите на Капиштец ни рекоа дека не се задоволни како се одржува урбаната опрема во нивното соседство, осветлувањето и системите за наводнување, бидејќи велат дека не се сервисираат редовно туку во кампањи на неколку години. Ова се основните дејности со кои службите на општината мора да се бават на секојдневно ниво, а со постојано одржување на опремата таа е потрајна, а општината ќе ги штеди свои ресурси за набавка на нова“,
велат од Шанса за Центар.