На листата освен Јана Белчева, се наоѓаат уште професорката Дивна Пенчиќ, Јане Димески, Влатко Огњановски, Наташа Колеќевска Георгиевска, Билјана Филиповска, Доротеј Нешовски, Даница Павловска, Мики Златановиќ, Гала Насева и други, а ја поддржуваат и разрешената директорка на ДИЖС Ана Петровска која се кандидира како независна за градоначалничка на Скопје
Граѓанската иницијатива за независна советничка листа за Центар за претстојните локални избори „Шанса за Центар“ објави дека ги собрале потребните потписи за да се кандидираат.
„#шансазацентар ги собра потребните потписи и со тоа одиме на избори. Може да продолжите на истото место да ги давате вашите потписи за листата независни советници на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за град Скопје и Ана Петровска“, објавиј вечерва на својот Фејсбук профил.
На листата освен Јана Белчева, се наоѓаат уште професорката Дивна Пенчиќ, Јане Димески, Влатко Огњановски, Наташа Колеќевска Георгиевска, Билјана Филиповска, Доротеј Нешовски, Даница Павловска, Мики Златановиќ, Гала Насева и други.
„Шанса за Центар“ ја поддржува неодамна разрешената в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, која влегува во трката за градоначалничка на Скопје на претстојните локални избори, како независна кандидатка на коалицијата „Зелен хуман град“.
Процедура
Постапката за собирање потписи на избирачите за кандидирање на локалните избори започна пред два дена (16 август) и согласно Роковникот на Државната изборна комисија завршува на 30 август на полноќ. Повеќе групи на граѓани најавија собирање потписи за учество со свои листи на локалните избори и тие веќе и се познати на јавноста.
Потписите се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од Комисијата во терминот од 8 до 20 часот, а на 30 август до полноќ.
Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет-страна објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи. Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидат за градоначалник. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината.
Кога подносител на листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат во општината до 10 000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината.
Во општината од 10 001 до 30 000 жители најмалку 150 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 30 001 до 50 000 жители најмалку 250 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 50 001 до 100 000 жители најмалку 350 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината над 100 001 жители најмалку 450 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината и во градот Скопје најмалку 1000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.
Листите на кандидати за членови на советот на градот Скопје и листата на кандидат за градоначалник на градот Скопје, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ОИК и до избирачките комисии на Градот Скопје најдоцна на 11 септември, до 24 часот – 35 дена пред денот на одржување на изборите.
ОИК врши проверка на листите најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата и исто така доставува барање за проверка на податоците од листата до институциите веднаш или најдоцна 24 часа по поднесувањето односно на 12 септември. Институциите се должни повратните информации до ДИК да ги достават во електронска форма за 24 часа.
Доколку ДИК утврди дека листата е составена согласно Изборниот законик ја потврдува во рок од 24 часа, додека доколку се утврдат неправилности или пропусти им се дава 48 часа на подносителите да ги отстранат. Откако ќе се констатира дека листата е во согласност со Изборниот законик се потврдува со решение.
ОИК по потврдување, листите на кандидат/и ги доставува до ДИК заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати веднаш по потврдувањето на листите односно најдоцна на 18 септември. Најдоцна на 23 септември ДИК на својата веб-страница, а ОИК во сите население места ќе ги огласи утврдените листи за градоначалници и за советници. Кампањата за локалните избори започнува на 27 септември на полноќ и трае до полноќ на 15 октомври.
Кои се „Шанса за Центар“?
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ произлезе од поврзување на „Здравје пред профит“ со активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, култура и други области, кои сакаат да го спречат натамошното уништување и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во општина Центар.
За нив се слушна уште во април годинава, кога се појавија на повеќе билборди низ Скопје, со пораката „Во каков град сакаме да живееме“, кои беа поставени во рамки на акцијата „Шанса за Центар, шанса за Скопје“, и со кои го кренаа гласот против изградбата на висококатниците кај „Холидеј ин“ и ја нагласуваат потребата од усогласување на деталните урбанистички планови (ДУП) со Генералниот урбанистички план (ГУП).