Намерата беше со планот да се реши само потребата на жителите на ќошот од просторот кон „Водњанска“, велат од иницијативата, но обвинуваат дека двете партии со заедничко гласање овозможиле и задоволување апетити на инвеститори
Ќе има проширување на објектите на трговскиот центар (ТЦ) „Рамстор“ и на Кам на булеварот „Кирил и Методиј“ во Скопје, реагираат од иницијативата „Шанса за Центар“ обвинувајќи ги советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека заеднички го овозможиле тоа со заедничко гласање за Деталниот урбанистички план (ДУП) кој се однесува на тој реон.
„Нова победа на нескротливите апетити и инвеститорскиот урбанизам во Центар! СДСМ и ВМРО си изгласаа ДУП за Стара железничка станица со кој се прошируваат и надградуваат објектите на ТЦ ’Рамстор‘ и на КАМ на булеварот ’Кирил и Методиј‘. Како објектите да им беа мали досега“,
реагираа од иницијативата која во оваа Општина е застапена со тројца независни советници.
Од „Шанса за Центар“ велат дека идејата била да се реши само проблем на граѓаните на аголот од булеварот кон улицата „Водњанска“, но сепак не било само тоа, туку двете партии здружено изгласале ДУП со неточни податоци.
„Намерата беше со планот да се реши само потребата на жителите на ќошот од просторот кон ’Водњанска‘. Но, инвеститорскиот урбанизам победи и се задоволи алчноста на малкумина дополнето со интервенции од повисоко. На 60-годишнината од земјотресот, коалицијата во советот си изгласа ДУП со неточни податоци за заштита од урнатини. Лекциите не ги научивме, а инвеститорскиот урбанизам го победи јавниот интерес и ги остави загрозени скопјани“,
пишува во реакцијата од „Шанса за Центар“.