Од Шанса за Центар потсетуваат и дека тие нема да имаат свој кандидат за претседател на Советот

Во денешното соопштение испратено до медиумите од СДСМ Центар се напаѓа и се споменува Шанса за Центар во негативна конотација со обвинување за неконструктивност. Жалиме што седниците не се јавни и достапни за граѓаните да ги следат и сами да бидат сведоци на случувањата, на игрите на политичките партии, но и на провидноста од нивните договарања. Само со јавност на седниците, како што и бараме веќе многу години наназад, а наместо со партиски соопштенија, граѓаните со свои очи ќе имаат точна информација кој е конструктивен, а кој покажува отпор кон промени и се обидува со старите пракси да покаже успех, се вели во реакцијата на Шанса за Центар на обвиненијата на СДСМ дека тие одбиваат да работат во интерес на граѓаните.
„Шанса за Центар смета дека Буџетот како стратешки документ мора да ја отслика визијата за развој на општината. Јавноста е веќе известена за нашите над 20 амандмани на повеќето програми за работа на општината, во кои предлагаме решенија за надминување на проблемите и предизвиците со дивоградбите, звучното загадување, влијанието на градењето врз животната средина, заштитата на културното наследство, правичност и заштита на најранливите, како и за локален економски развој. Иако со најконструтивна аргументација се обидувавме да ги повториме образложенијата, сите освен еден амандман беа одбиени и не се прифатија како дел од буџетот. Нормално беше да не дадеме поддршка за таков буџет и да се воздржиме при гласањето за негово донесување кога во него не се третираат најгорливите проблеми, а се спроведуваат активности по старите начини на работа, покажувајќи отпор кон промени и технолошки осовременувања. Камерата која го снимаше говорот на градоначалникот се исклучи по неговото објаснение за буџетот, но нашите анализи ќе ги споделуваме со јавноста на социјалните мрежи и доколку има интерес преку медиуми кои ќе ги пренесат“,
се додава во соопштението,.
Оттаму додаваат и дека нема да учествуваат во договори во општинскиот Совет кои според нив се прават зад затворени врати и кои не се во интерес на жителите на Центар.
За да биде појасно, имавме позитивен став и гласавме за оние програми кои поддржуваа капитални инвестиции во училишта, градинки, но негативно гласавме за програмата за спорт во која повторно се предвидува еден спортски клуб да добие повеќе пари отколку што буџетот предвидува за урбанистичко планирање, за заштита на животна средина, за култура, за програми во образование, во реконструкции на улици за ослободување тротоари, за намалување на брзината на движење, во обезбедување коридори за движење до училиштата и ослободување на тротоарите. Нормално, спортот е повеќе вреднуван и од заштитата на животната средина, од справувањето со дивоградбите, а повеќемилионски е поважен од програмите за родова еднаквост и правичност.
„Одбиваме да бидеме учесници во договори кои се прават зад затворени врати, кои не се договори за добро на жителите, туку само и единствено за корист и интерес на поединци. Затоа и со неверување ја примивме манипулацијата за одбивањето на кандидатурата за претседател од нашиот советник Јане Димески поднесена од советниците од СДСМ, а во партиско соопштение толкувана како одбивање на „Шанса за Центар“ да работи во интерес на граѓаните“,
се додава во соопштението, истакнувајќи дека распределбите во буџетот не се рефректираат во оној поднесен од страна на градоначаникот Горан Герасимовски.
Од Шанса за Центар потсетуваат и дека тие нема да имаат свој кандидат за претседател на советот.
„Однапред соопштивме дека поради разидувања во принципите како треба да се управува со општината нема да имаме свој кандидат за претседател на Советот.И другата поголема коалициска група на ВМРО-ДПМНЕ ја одби номинацијата за нејзин/а претседател/ка на Советот, на предлогот даден од Левица која истовремено предложи и свој/а кандидат/ка. Со таквите чекори стана јасно дека понудата да го водиме советот е само тројански коњ за да се овозможи тајно гласање во кое ќе се оствари задкулисниот договор“,
велат од Шанса за Центар.
