Посочуваат дека се работи за планирање без визија и давање парцели за брз профит од изградба на згради, што според нив, неповратно ќе ги влоши животните услови на сите граѓани, без воопшто да се води сметка дали јавната инфраструктура може да поднесе толкаво зголемување на бројот на жители
Независната листа за Општина Центар, Шанса за Центар што ја предводи Јана Белчева Андреевска, најавува изградба на јавен објект за културата на државното земјиште кај ПУИГ, за кое кандидатите за градоначалници од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ најавуваат проекти со станбени објекти и паркинг.
„На тој простор, во визијата на Шанса за Центар стои изградба на јавен објект наменет за културата – содржина што недостасува во ова маало. Притоа, со овој објект намерата е воопшто да не се наруши зелената површина и старите дрвjа кои се наоѓаат на парцелата. Како последица од хаосот предизвикан од погрешните одлуки на двете најголеми партии кои наизменично имаа мнозинство во Советот, денешните кандидати за градоначалници и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ лицитираат со ветувања за нови паркинзи во оваа четврт со капацитети за стотици возила. Локациите кои ги одбираат се тотално нестручно предложени, како што се бараките на станбеното претпријатие (ПУИГ) или општината, со подземни паркинзи и комерцијални згради“,
велат од Шанса за Центар.
Од независната листа посочуваат дека погрешните предлози и решенија за паркирање можат да остават сериозно лоши последици, како и исчезнување на целото повеќедецениско зеленило од просторот кај бараките, привлекување уште повеќе возила во ова маало во кое веќе сообраќајот е густ, улиците се закрчени, небезбедноста е секојдневие, а нервозата, загадувањето и бучавата расте.
Исто така, посочуваат дека се работи за планирање без визија и давање парцели за брз профит од изградба на згради, што според нив, неповратно ќе ги влоши животните услови на сите граѓани, без воопшто да се води сметка дали јавната инфраструктура може да поднесе толкаво зголемување на бројот на жители.
„Шанса за Центар нуди решение и за проблемот со недостиг на паркинг места во општината. Нов паркинг простор може да се спроведе со решението предвидено со планот за Дебар Маало 2, каде просторот на сегашните бараки на администрацијата на град Скопје ќе биде пренаменет во монтажен паркинг на кат. Влезот кон тоа паркиралиште веќе постои, и нема да претставува нов скап и загадувачки проект“,
велат тие и појаснуваат дека освен заштита на зеленилото и давање содржина на јавниот простор, изградба на објект од културата ќе ги прошири преспективите дека е можно на ваков начин да се трасира патот за оддржливо финансирање на општината.
Шанса за Центар смета дека извор на финансирање може да е стопанисувањето со јавните објекти и соработка со стручни луѓе за да се изработат квалитетни проекти кои ќе се финансираат од европските фондови.
Од Шанса за Центар потсетуваат дека планот за Општина Центар е донесен во 2012 година кога мнозинството во Советот на општината го имаше ВМРО-ДПМНЕ. Тој план беше под мораториум донесен, како заложба на претседателката на советот во тоа време, а денеска носителка на листата Шаанса за Центар, Јана Белчева Андреевска.
Уставниот суд го поништи мораториумот во 2020, а Министерството за транспорт и врски ја отфрли суспензијата во 2021 година, бидејќи не најде штета по јавниот интерес. Со тоа нелегалниот Детален урбанистички план (ДУП) донесен во 2012 од ВМРО -ДПМНЕ, а како што велат од Шанса за Центар, потврден од Владата на СДСМ во 2021 и сега е важечки.
Според стручните наоди, тој ДУП во сите параметри ги надминува поставените во Генералниот урбанистички план – ГУП, иако законите бараат усогласеност.
„Институциите и раководните лица во 2021 сѐ уште не можат да смогнат сили и да ги променат незаконските решенијата донесени 2012, ниту да ги преиспитаат одговорноста, потписите, па и лиценците на инволвираните. Секоја одлука има свој потписник со име и презиме, кој треба да ја сноси одговорноста, но тоа е можно ако системот функционира, а институциите вистински го штитат законот“,
велат од Шанса за Центар