Тие реагираат на изјавата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во интервју за „Утрински брифинг“, каде што зборуваше за урбанистичкото планирање во Општината и притоа посебно говореше за земјиштето кај поранешната фабрика „Треска“
Шанса за Центар денеска реагира на изјавата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во интервју за „Утрински брифинг“, каде што зборуваше за урбанистичкото планирање во Општината и притоа посебно говореше за земјиштето кај поранешната фабрика „Треска“.
„Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во вчерашниот медиумски настап тврдеше дека општината нема право да го уредува земјиштето кај ‘Треска’ бидејќи е приватно. Шанса за Центар го потсетува градоначалникот дека Законот за урбанистичко планирање јасно дефинира дека јавниот интерес е над приватниот. Урбанистичкото планирање се врши за да се уреди просторот кој е и приватен и јавен, балансирано помеѓу интересите, но секогаш со приориетизирање на јавниот интерес. Просторот на секој урбанистички план опфаќа и приватно и јавно земјиште. Конкретно за опфатот кај ф-ка ‘Треска’ државата поседува вкупно 47,16%, односно скоро половина од вкупната површина со што го побива градоначалникот и вистинитоста на неговите тврдења“,
се вели во реакцијата.

Тие бараат од Герасимовски да каже дали во меѓувреме општината раководена од СДСМ ја променила оваа реалност, без да ја информира јавноста.
Во меѓувреме, потсетуваат дека не е вистинито ниту тврдењето на Герасимовски дека досега не е решено уредувањето на локацијата:
„Советот во февруари 2020 година донесе одлука со која локалитетот беше издвоен од планот и за негово уредување, а според последниот Закон за Урбанистичко планирање се одлучи да се решава со конкурс. До сега оваа одлука на Советот не е поништена, ниту оспорена и Герасимовски нема право да не ја спроведува или игнорира. Така демонстрира незаконито и недемократско владеење, слабост во капацитетите за спроведување Одлуки на Совет, крајно непознавање на својата функција, но најмногу од сѐ, укажува дека интересот на инвеститорите му е поважен отколку јавниот“,
се вели во реакцијата од Шанса за Центар.
Понатаму, тие посочуваат дека на спроведениот конкурс се добиени три идејни решенија од тимови на стручни лица, архитекти, кои служат за да дадат насока и идеја како да се уреди локацијата, запазувајќи ги условите за обезбедени, комунални, образовни, социјални услуги, и за безбеден и квалитетен живот на идните станари. Решенијата умешно го комбинираат просторот кој е делумно во приватна сопственост, но запазувајќи ги интересите на сите.
„Со нив се предвидува и изградба на згради, но и зелени површини и јавен простор, доволно паркинг, градинка и деловен објект. Изборот на решенијата беше оценуван од стручна 9-члена комисија во која беа претставници на 8 различни институции и организации“,
велат од Шанса за Центар.
Тие му забележуваат на градоначалникот дека иако ги има во рака конкурсните решенија, како што велат, платени од парите на граѓаните на Центар, веќе четврти месец не организира јавна презентација пред стручната и засегнатата јавност, со што ја скратува можноста за дијалог, за дебата и за да креативната идеја надвладее над инвеститорската, за да архитектите можат да ги образложат своите идеи за поквалитетно уредување на просторот и нов урбанистички план.
„За да иронијата биде поголема, додека градоначалникот на Центар од СДСМ не ги покажува отворено конкурсните решенија, Општина Кисела Вода под водство на ВМРО-ДПМНЕ го користи токму конкурсот за фабриката ‘Треска’ за да го реши планирањето на локалитетот Расадник. Со ова Герасимовски докажува дека политичка волја за нови убанистички политики во Центар не постои и дека нема храброст за да ги смени штетните последици од лукративните планови од 2012“,
велат од Шанса за Центар.
Герасимовски вчера рече дека прво нешто што направиле е што го раскинале договорот со планерската куќа која што ги правеше ДУП-овите Буњаковец 1 и 2, а таму е и „Треска“.
Според Герасимовски, решението е измена на ДУП-от, нешто што требало да се направи многу одамна. Во тек е барањето за нова планерска куќа и спроведување на нов ДУП, во кој влегува и „Треска“ во Буњаковец 2.
„Ако било спроведено пред две години и се изменил ДУП-от, сега таму ќе сме имале идејно архитектонско решение, кое ќе сме можеле сега да го спроведуваме. Секако дека ќе дадеме и ние насоки, но сепак треба да имаме предвид дека тоа е и приватно земјиште. Дека е изминат голем период каде што луѓето купиле некои парцели, се задолжиле во банки, плаќаат камати. Имаме можности за тужби, значи седнуваме и се договараме за да немаме тужби. Утре ќе се блокира општината, кој ќе го плати ‘цехот’ на крај?“,
вели Герасимовски.
Тој потенцира дека во барањето решение за ваквите ситуации, мора да се почитуваат и законите, вклучувајќи ја и „Треска“ – таму луѓето купиле имот, бараат дооформување, утре ќе бараат дозволи, а општината законски не смееме да ги сопреме.
Според градоначалникот Герасимовски, идејното решение не е идеално и сега е побарано од партиципативното тело да се презентира тоа идејно решение. Најавува дека до решение ќе се дојде со сослушување на сите страни – општината, архитекти, сопственици.