Посочуваат дека и покрај тоа што во првичните преговори за формирање партија учествувале и „Зелен хуман град“, оттаму на крај се одлучиле да настапат одделно
„Законот дозволува потпис само за една опција. Потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ‘Зелен хуман град’ , не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов“, велат независните
Откако граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ најави дека ќе прерасне во партија за да може да учествува на претстојните локални избори, таква најава денеска стигна и од дел од другите граѓански иницијативи.

Дека ќе се обединат во заедничка партиска платформа најавија „Шанса за Центар, „Независни За Карпош – За заштита на Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“, a велат дека остануваат отворени за идејата кон субјектот да се приклучат и други граѓански активисти и иницијативи од целата држава.
Оттаму посочуваат дека и покрај тоа што во првичните преговори за формирање заедничка политичка партија учествувала и иницијативата „Зелен хуман град“, оттаму на крај се одлучиле да настапат одделно.
„Ги информираме граѓаните дека платформата што ќе ја основаме формално мора да биде регистрирана како партија, а за тоа ќе ни биде потребна вашата поддршка. Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ‘Зелен хуман град’, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов“,
се наведува во соопштението кое утринава до медиумите го испратија трите независни граѓански иницијативи.
Најавија дека во следниот период ќе ги претстават своите листи и кандидати со кои би настапиле на локалните избори и ќе споделат повеќе информации во врска со процесот на поддршка на новата платформа.
„Сите граѓани, без разлика на градот на живеење, ќе можат да ја дадат својата поддршка за нашата регистрација. Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби. Ќе настапиме здружено, со чесни луѓе, силна визија и искуство стекнато од теренот. Нашата борба продолжува – отворено, храбро и заеднички“,
велат независните.
Претходно, граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ), која е единствената советничка група во Советот на Град Скопје што не припаѓа на ниту една партија, најави дека ќе прерасне во партија како единствен начин за учество на независните на локалните избори.
За формирање политичка партија потребни се 1 000 граѓански потписи.