Тие бараат и Државниот инспекторат за животна средина и другите надлежни институции да утврдат какви материјали се чуваат во кругот на поранешната фабрика и дали тие се опасност за избувнување пожар или за здравјето на луѓето што живеат во околината

Институциите да ги расчистат сомнежите за пожарот кај „Треска“ и да се изјаснат дали тој бил подметнат или не, бараат од иницијативата „Шанса за Центар“ која со свои советници е застапена и во општинскиот совет.
„’Шанса за Центар’ пред неколку недели предупреди дека е можен развој на настаните околу поранешната фабрика ’Треска‘ со цел да се реши урбанистичкото планирање на подрачјето на начин кој нема да го штити јавниот интерес. За жал, развој има, но дури и полош од оној кој го претпоставувавме. Старите хали повторно горат кога е во ек јавна дискусија за тоа што ќе се случува понатаму со ’Треска‘, а се шират и сомнежи дека пожарите се подметнати. Ги очекуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната бригада и Град Скопје детално и брзо да се изјаснат за тврдењата дали последниот пожар е подметнат“,
велат од „Шанса за Центар“.
Исто така, бараат и Државниот инспекторат за животна средина и другите надлежни институции да утврдат какви материјали се чуваат во кругот на поранешната фабрика и дали истите се опасност за избувнување на пожар или за здравјето на луѓето што живеат во околината.
„Бараме институциите да ја информираат јавноста дали сопствениците на објектите и на земјиштето имаат обврска да го расчистат отпадниот материјал од нивните имоти со цел да се намали опасноста за граѓаните. ‘Шанса за Центар’ смета дека одолговлекувањето на постапката за носење нов урбанистички план за подрачјето на ’Треска‘, придонесува за продолжување на неизвесноста и ја зголемува можноста за нови несакани случувања“,
додаваат од „Шанса за Центар“.
Според информациите што досега се познати, вчерашниот пожар зафати пластични материјали, дрва, грмушки и отпад, што го предизвика густиот црн чад во центарот на Скопје, но при пожарот немаше повредени. Во гасењето на пожарот интервенираа 55 пожарникари со десетина возила.
Дека има индиции оти тој бил подметнат вчера во изјава кажа градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Инаку, Арсовска денеска одлучи да им додели награди на скопските пожарникари за нивната брза реакција и ефикасна интервенција при пожарот.

„Пожарникарите се хероите на нашиот град. Во знак на благодарност за нивната пожртвуваност и високото ниво на професионалност, донесов одлука да бидат соодветно наградени, како одраз на поддршка за заштитата на Скопје и скопјани. Пожарот со кој во текот на вчерашниот ден се соочи противпожарната бригада беше со висок ризик, од голем размер кој тие брзо го локализираа без жртви и повредени. Со експресна реакција и повеќечасовна борба со огнената стихија го локализираа силниот пожар и ги заштитија имотите и животите на нашите сограѓани“,
истакна Арсовска.