Во изјава за МИА, во пресрет на најавениот генерален штрајк на СОНК в понеделник, министерот за образование вели дека очекува да се изнајде решение
Штрајкот никогаш не оди во прилог на образовниот процес и на учениците кои се и мора да останат наш фокус и приоритет, вели министерот за образование Јетон Шаќири.
Во изјава за МИА, во пресрет на најавениот генерален штрајк на СОНК в понеделник, тој вели дека очекува да се изнајде решение.
„Сите предизвици со СОНК досега сме ги решавале заеднички, на маса и низ конструктивен дијалог. Така ќе биде и овој пат. Иако се услови на криза, здравствена, воена и економска, ние дебатираме со Синдикатот за да најдеме решение од кое ќе нема незадоволни страни. Верувам дека тоа ќе се случи скоро, по што ќе ја информираме јавноста“,
вели Шаќири.
Шаќири објаснува дека за три години платите на наставниците се зголемени за над 21 процент – во апсолутен износ од 4 000 денари за наставник со 10 години стаж, и нагласува дека наставниците се најважна алка во воспитно-образовниот процес, а МОН, како што вели, постојано работи на подигнување на нивната мотивација и на подобрување на условите за работа.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека Владата и СОНК ќе го продолжат социјалниот дијалог за да се најде решение за барањето за повисоки плати за да продолжи наставата.
„Имаме многу јасен закон во однос на организирање штрајк во сите делови. Училиштата, МОН, општините – кога се работи за основно образование, треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование. Особено затоа што излеговме од период на пандемија скоро по две години кога децата мораа да седат дома“,
одговори Ковачевски на новинарско прашање за најавениот штрајк на вработените во училиштата и градинките.
Одговарајќи на новинарско прашања, премиерот истакна дека се надева во наредниот период да биде изнајдено решение, но нагласи дека децата мора да имаат настава.
Синдикатот минатата недела одлучи од 11 април да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките и дека одлуката ја поддржуваат огромен процент на неговото членство затоа што не се исполнети барањата за зголемување на платите согласно минималната и соодветно усогласување на колективните договори во дејностите образование и детска заштита, кој би траел до исполнување на барањата.
