Министерот за образование додаде оти во гимназијата има настава, но не по сите предмети, и изрази очекување дека наставата по неколку стручни предмети, која е во моментов во прекин, ќе продолжи за два дена. За наставата по овие предмети да продолжи, потребни се согласности од Министерството за финансии за продолжување на договорите на дело на неколку професори
Откако вчера дел од медиумите објавија оти средношколците од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во Скопје губат часови поради недостиг од образовен кадар, министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска кажа дека наставата во училиштето ќе продолжи откако Министерството за финансии ќе издаде согласности за продолжување на договорите на дело на професорите, кои се истечени на 31 декември лани.

Шаќири додаде оти во гимназијата има настава, но не по сите предмети и изрази очекување дека наставата по неколку стручни предмети која е моментално во прекин во ова училиште ќе продолжи за два дена.
„Денес се испратени последни дописи до Министерството за финансии. Има нови правила на Законот за извршување на буџет и по нив е постапено. Со Законот има промена на постапките помеѓу институциите и тоа ќе се решава денеска или утре. Очекувам позитивно мислење од Финансии“,
рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на меморандумот за соработка со Амбасадата на Швајцарија за 2023-2026.
Министерот потенцира дека денеска имал разговор со директорката на училиштето во врска со надоместот на изгубените часови, а во таа насока кажа дека изгубената настава ќе се надомести во периодот кога професорите по стручните предмети ќе ги добијат согласностите од Финансии за продолжување на договорите за работа.
„Според моите информации, и претходната учебна година, кога второто полугодие почна на 1 февруари, исто така договорите на тие вработени беа продолжени од 15 февруари. Истата ситуација беше и лани, но иако немале договори, ја продолжиле наставата“,
рече Шаќири.
Станува збор за професори кои не се во редовен работен однос и договорите на дело им се продолжуваат со почеток на календарската, а не на учебната година.
Министерот за образование нагласи дека ако е потребно, МОН ќе обезбеди средства за да се продолжат договорите на овие вработени и додаде дека ако е возможно, во текот на годината за овие професори да се обезбедат договори на неопределено, а не на определено време.
За проблемот во скопската Математичко-информатичка гимназија (МИГ) денеска реагираше и Сојузот на средношколци од каде што побараа што побрзо решавање на проблемот, зашто според нив е апсурдно учениците од оваа гимназија да имаат по само еден до два часа дневно.
