Има благ пораст на нови случаи на ковид-19 во градинките, но престојот е безбеден, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа посочува дека од 13 600 деца присутни во градинките, до минатиот петок имало 19 деца и 53 вработени позитивни на ковид-19, што, според неа, покажува дека престојот во градинките е сѐ уште безбеден.
Министерката нагласи дека тоа што нема ширење на инфекцијата меѓу децата во градинките говори дека се почитуваат протоколите.
„Работењето во градинките е организирано според строго воспоставени правила коишто ги пропишува протоколот. Значи, кога ги испраќате децата во градинките, првата и основната работа е да се заштити нивното нивното здравје, нивната безбедност додека престојуваат во градинките и тоа што нема ширење на инфекцијата меѓу децата во градинките говори дека се почитуваат протоколите. Меѓутоа, секако дека и стручната работа со децата е значајна и оттука и начинот на кој ќе се менаџира овој процес, со индивидуалната работа, со носење заштитна опрема од страна на логопедите, психолозите, педагозите и останатите компетентни работници, се менаџира на локално ниво во секоја градинка поединечно“,
наведе Шахпаска.
Таа истакна дека конечниот извештај за оваа недела за епидемиолошката состојба во градинките ќе биде изготвен утре.
„Сакам да истакна дека не сме го достигнале пикот што го имавме во претходниот бран којшто беше пред зимата“,
рече Шахпаска.