Согласно со протоколот, градинките имаат капацитет да згрижат 19 000 деца, но интерес за згрижување покажале родители на 14 555 деца
Анализата на податоците од градинките покажа дека тие се подготвени на 9 септември да почнат со работа и да ги згрижат децата во согласност со предвидениот протокол што Владата го усвои кон крајот на мај годинава по укинувањето на вонредната состојба, соопшти новата министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче.
Таа посочи дека приоритет за згрижување ќе имаат децата на самохрани родители и на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не можат да ги извршуваат од дома.
„Во изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите, при што се утврди дека, согласно протоколот, градинките имаат капацитет да згрижат 19 000 деца, но интерес за згрижување покажале родители на 14 555 деца. Доколку градинките имаат капацитет да згрижат повеќе деца од приоритетните, во тој случај може да прифатат други деца што се запишани во градинката“,
рече Шахпаска.
Протоколот за градинките, како што посочи министерката, предвидува во групите за деца до двегодишна возраст да има најмногу шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, а во групите над тригодишна возраст да има најмногу 15 деца.
Владата им препорача на општините да адаптираат дополнителен и соодветен простор за згрижување повеќе деца, ако има потреба. Исто така, поради намалениот капацитет на овие установи, Владата им препорача на општините да ангажираат дополнителен кадар за периодот, доколку има потреба, додека трае епидемијата на ковид-19, информира Шахпаска.
Министерот за здравство посочи дека е веќе во тек дезинфекција на градинките и дворовите и дека се ангажира дополнителен кадар за време на епидемијата, со цел да се овозможи непречено и безбедно функционирање на установите за претшколска возраст.
Филипче објасни и што предвидува алгоритмот за постапување со деца во градинките, суспектни или за кои ќе се потврди дека се заразени со ковид-19.
„Исклучително е важно да не се дозволи градинките да станат места каде што ќе се шири вирусот. Затоа, апелирам до воспитувачите и до родителите, со личен пример да им укажат на децата за почитување на мерките за заштита од ковид-19“,
рече Филипче.