Очекувам предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, во собраниската процедура да добие поддршка и од опозицијата бидејќи насилството не познава партиска определеност, насилството не познава верска или етничка припадност, општествен или имотен статус, порача денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа рече дека со законското решение што го усвои Владата се обезбедува сеопфатен пристап во справувањето со овој тип насилство во согласност со меѓународните стандарди.
„Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство за Министерството за труд и социјална политика е главен приоритет и оттука ова законско решение е темелот, основата во борбата против сите форми на насилство врз жената и семејството. Овој Закон е важен дел од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во декември 2017 година“,
истакна министерката Шахпаска.
Таа истакна дека законот ќе биде надградба на постојниот систем за превенција и спречување на семејното насилство.
„Судот има обврска веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот. Жртвата има право да поднесе тужба пред граѓански суд за утврдување на одговорност за непостапување со должно внимание од страна на надлежните институции, а товарот за докажување е на страната на институцијата и лицето во институцијата што пропуштило да постапи согласно закон, а жртвите се ослободени од судски трошоци во текот на судската постапка“,
посочи министерката.
