Претставниците од „Универсал“ го отворија прашањето за тоа како се утврдуваат како бенефицирани работните места на денешната средба со министерката за труд и социјална политика
Министерството за труд и социјална политика, во рамки на проект кој се одвива со техничка поддршка на Светска банка, ќе спроведе целосна ревизија на работните места со бенефициран стаж и ќе се изработи нов правилник – нова листа со работни места со бенефициран стаж.
Ова министерката Јагода Шахпаска го објави на денешната средба со претставници од управата на Друштвото за трговија и услуги „Универсал“ ДООЕЛ Скопје, фирма која е претставник за рударска механизација, која се употребува во подземниот ископ во рудникот САСА во Македонска Каменица.
Претставниците од „Универсал“ ДООЕЛ Скопје го отворија прашањето за тоа како се утврдуваат како бенефицирани работните места за вработените кои работат со употреба на оваа механизација, како што е: супервизор за јамска механизација, сервисер за јамска механизација, сменски сервисер за јамска механизација, помошен сервисер за одржување, супервизор за опрема за дупчење, острач на прибор за дупчење и сервисен инженер.
„Како Министерство за труд и социјална политика остануваме отворени за сите прашања кои ги засегаат работниците. Изнаоѓање на најсоодветни решенија останува мој приоритет, секогаш во интерес на работниците. Целосно ќе ги ревидираме работните места со бенефициран стаж, со што ќе решиме проблем, кој со децении се провлекува“,
рече Шахпаска.