Од отворањето на градинките досега, заболени се 15 деца и 45 вработени, за кои Шахпаска вели дека се во добра здравствена состојба
Состојбата во градинките е стабилна, но доколку утврдиме дека бројот на заболени од ковид-19 се зголемува, нема по секоја цена да ги чуваме отворени, изјави денеска на прес-конференција министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа посочи дека се следи состојбата и во градинките и во центрите за лица со попреченост, каде што веќе има случаи на ковид-19, поради што двата центри за лица со попреченост во Штип се затворени.
„Согласно епидемиолошката состојба во државата и здравствените власти, ние како министерство ќе носиме одлуки. Градинките и центрите за попреченост нема по секоја цена да останат отворени. Нам ни е најважно здравјето на граѓаните“,
вели Шахпаска.
Министерката посочи дека досега во градинките има 15 деца и 45 вработени позитивни на ковид-19, но вели дека сите се во добра здравствена состојба. На дел од вработените им истекло и времето за изолација, па ќе се вратат на работното место.
„Децата инфекцијата не ја стекнале во градинката бидејќи во нивните семејства бил присутен вирусот. Состојбата и на децата и на вработените е добра, а на голем дел од нив им заврши изолацијата и ќе можат да се вратат на работа“,
рече Шахпаска.
Дневните центри за лица со попреченост во Штип, Шахпаска вели се затворени за безбедност на децата.
„Позитивен на ковид-19 е еден вработен во Центарот за лица со попреченост, исто и еден вработен во Центарот за аутизам, а заради безбедност на дечињата, Центарот ќе биде затворен“.
рече Шахпаска.