„Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина“, рече тој пред своите поддржувачи
Mинистерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 и претседател на партијата Демократски сили на Ромите, Шабан Салиу, вчера ја објави својата кандидатура за градоначалник на скопската општина Шуто Оризари.

Во неговиот говор пред жителите на Шуто Оризари, Салиу ја претстави програмата за модерна, функционална и достоинствена општина.
„Стојам тука пред вас исполнет со гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде секој камен шепоти приказни за нашата историја, култура и непокорен дух. Денес заеднички носиме одлука за нашата иднина, за често и одговорно управување со нашата општина“,
рече тој.
Најави дека негов приоритет ќе биде изградба на инфраструктура што ќе донесе квалитетен живот за сите жители, како асфалтирани улици до секој дом, проширен водовод и канализација, ЛЕД-осветлување и безбедни пешачки патеки, како и нови социјални станови.
Посебно внимание ќе обрне на образованието и културата преку изградба на модерно основно училиште, поддршка на културни институции за да можат младите да ја осознаваат и развиваат ромската традиција.
Најави формирање мобилен здравствен тим, целосна обнова на амбулантата, изградба на дом за стари лица и формирање Фонд за поддршка на ранливите семејства.
„Шуто Оризари ќе стане општина на можности со изградба на фабрики, отворање на нови работни места, поддршка на младите претприемачи и развој на пазар за занаетчиските културни производи“,
кажа Салиу.
Здравата животна средина и транспортот ќе бидат дел од клучните точки во неговата програма, најавувајќи изградба на фабрика за преработка на отпад, редовен автобуски превоз со еколошки возила, нови паркови.
„Државните институции ќе бидат донесени во самата општина, со што ќе се скрати времето за административни услуги, а граѓаните ќе имаат пристап до бесплатна правна помош“,
додаде тој.
Салиу беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување од 2008 до 2017 година, а заедно со уште неколку лица кои изминатите нешто повеќе од десет години ја вршеа функцијата директор на ДЗС, се најде осомничен во истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Тој беше уапсен кон средината на април, заедно со уште 22 лица во рамките на проширувањето на истрагата за катастрофалниот пожар. Меѓу уапсените тогаш беше и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор.
Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.
Во неколку наврати, одговарајќи на новинарско прашање дали од морални причини ќе поднесе оставка и дали чувствува вина за случајот со пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, рече дека не се чувствува никаква одговорност и вина.