Северна Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ или познато како ОБСЕ тројка, заедно со сега веќе минатогодишниот претседавач Шведска, како и актуелниот претседавач за оваа година Полска. Со тоа и формално започнуваат и нашите обврски поврзани со претседавањето во 2023 година со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ во која членуваат 57 земји, плус 11 медитерански и азиски земји-партнери на Организацијата, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„За нас во куќата на дипломатијата еден од најважните приоритети во 2022 година ќе биде токму претседавањето со ОБСЕ и преку активната улога како дел од тројката, но и преку нашата подготовка за претседавањето во 2023 година… Со денешниот ден, како прв работен ден во годината го преземаме претседавањето со Групата на медитерански партнери – Алжир, Египет, Израел, Јордан, Мароко и Тунис и притоа како копретседавачи во првата година од нашето учество во тројката ќе ја организираме и Медитеранската конференција меѓу ОБСЕ и земјите медитерански партнери најверојатно во Скопје, а потоа го преземаме и управувањето со донесувањето на буџетот на Организацијата“,
рече Османи.
Според него, активностите во оваа година ќе претставуваат еден вид генерална проба за целосно преземање на претседателството со Организацијата во 2023 година. Изрази уверување дека МНР, со поддршка и на останатите релеватни институции, има капацитет да одговори на предизвикот и да биде на висина на задачата.
Османи информираше дека за оваа намена веќе е предвиден и буџет за реализација на активностите кои произлегуват од претседавањето со ОБСЕ. Во таа насока во Буџетот за оваа година се предвидени околу 110 милиони денари или без малку околу 1,8 милиони евра. Како што наведе шефот на дипломатијата, годинава предвидено е да се упатат околу 15 дипломати во мисијата во Виена, кои ќе работат во рамки на претседавачкото трио и водењето на групата на медитерански партнери, но и ќе се подготват за финално преземање на претседателството со ОБСЕ во 2023 година.
Османи нагласи дека преземањето на претседавањето со себе носи одговорност, како и низа предизвици од логистички, економски и надворешно политички карактер.
„Претседавањето со ОБСЕ за нас ќе претставува и внатрешен трансформативен процес, од консумент стануваме креатор и контрибутор на политиките на светско ниво. Ваквата инверзија на улогите претставува нова можност за нашето внатрешно институционално и политичко созревање, но во исто време рака под рака со глобалната експонираност тоа претставува и можност за зајакнување на имиџот на државата преку афирмација на нашите вредности и визии“,
рече министерот за надворешни работи.
Одговарајќи на новинарско прашање тој информира дека приоритетите на нашето претседавање формално сме обврзани да ги претставиме во мај. Посочи дека ние овој процес сме го почнале многу порано со внатрешни консултации на нашите институции, наведувајќи ги тука МВР, МО, Министерството за животна средина и сите министерства што имаат надлежности во тој дел.