Приклучувањето кон Програмата ЛИФЕ помага да се развиваат иновативни еколошки и климатски техники, пристапи и најдобри практики кои придонесуваат за климатски неутрална, циркуларна и приспособлива економија и кои ја штитат и обновуваат природата
Подготвени сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста. Сметаме на вашето лидерство, размена на знаења и искуства за продолжување на нашата соработка за ова поглавје во духот на меѓусебна доверба, почит и заедничко разбирање за постигнување на нашата заедничка цел во заштитата на животната средина и постигнување на полноправното членство во европската заедница, рече министерката Шукова денеска во Брисел каде што започнува билатералинот скрининг за Поглавјето 27- Животна средина и климатски промени

Европската комисија денеска започнува преговори со седум држави што не се членки на ЕУ, меѓу кои и со Северна Македонија, за нивно поврзување со Програмата на Унијата за животна средина и клима (ЛИФЕ).
Другите шест држави со кои Европската комисија ќе ги почне денешните преговори се и Албанија, Андора, Фарските Острови, Израел, Молдавија и Турција.
Како што информираат од Комисијата за МИА, приклучувањето кон Програмата ЛИФЕ ќе им помогне на седумте земји да развиваат иновативни еколошки и климатски техники, пристапи и најдобри практики кои придонесуваат за климатски неутрална, циркуларна и приспособлива економија и кои ја штитат и обновуваат природата.
Според најавите од Европската комисија, во рамки на стартот на преговорите предвидена е и средба на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова со еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство Виргинијус Синкевичиус.
Во пресрет на денешниот старт на преговорите, Синкевичиус нагласува дека предизвиците поврзани со животната средина и климата, како што се климатските промени, намалувањето на биолошката разновидност и загадувањето, ги надминуваат државните граници и со нив ќе може да се справиме само со заедничко дејствување.
„Со значително зголемување на бројот на земји кои учествуваат во програмата ЛИФЕ, ние активираме конкретна соработка и размена на решенија за здрава планета и надвор од ЕУ“,
додава еврокомесарот Синкевичиус.
Во рамки ова партнерство, јавни и приватни организации од земјите опфатени со Програмата ЛИФЕ ќе може да добиваат финансиска поддршка за проекти поврзани со развој на еколошко иновативни техники и пристапи, промоција на практики поврзани со заштита на животната средина и поддршка за подготовка и спроведување на закони слични со оние во ЕУ, како и на планови и стратегии кои можат да придонесат за имплементација на ваквите законски решенија закони.
Програмата ЛИФЕ е инструмент на ЕУ за финансирање на активности поврзани со заштита на животната средина и климата, што се спроведува од 1992 година. Во нејзини рамки досега се кофинансирани повеќе од 5 500 проекти во и надвор од ЕУ, за чија цел се одвоени 5,4 милијарди евра.
ЛИФЕ претставува нишка помеѓу програмите на ЕУ за истражување и иновации и програмите за финансирање на проекти од големи размери и како таква го премостува јазот помеѓу истражувањето и имплементацијата на политиките, поврзувајќи ги надворешните фактори со иновациите во животната средина и климата преку практични решенија.
Новата програма ЛИФЕ 2021-2027 им овозможува на земји што не се членки на ЕУ да се приклучат на програмата преку билатерални договори за асоцијација меѓу Унијата и овие држави кои содржат конкретни услови. Исланд се приклучи кон Програмата ЛИФЕ во септември 2021 година, а минатата недела и Украина потпиша Договор за пристапување до Програмата.
Започнува билатералниот скрининг за Поглавје 27- Животна средина и климатски промени
Денеска во Брисел започнува и билатералниот скрининг за Поглавје 27- Животна средина и климатски промени што претставува еден од двата најдолги скрининзи и ќе трае до 7 јули. На скринингот пред Европската комисија преку 75 презентации ќе бидат презентирани состојбите во областите: хоризонтално законодавство, управување со отпад, квалитет на вода, природа, хемикалии, индустриско загадување и климатски промени.

„Нашата држава е посветена на усогласувањето на националното со европското законодавство во најкомплексното Поглавје 27- Животна средина и климатски промени, за кое што е одговорно Министерството за животна средина и просторно планирање. Но, посебен предизвик е неговата имплементација. Во изминатиов период преземавме сериозни чекори за подобрување на состојбите речиси во сите области, особено во делот на управување со отпад и управување со води. Очекувам, покрај размена на информации за постигнатото, заеднички да ги идентификуваме предизвиците по области, особено во оние што побаруваат високи инвестициски вложувања и да обезбедиме силна поддршка и од европските институции, но и внатре од државата, бидејќи само со широка инклузивност и посветеност можеме да ја постигнеме зацртаната цел“,
истакна Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање на отворањето на скрингот.
Покрај тоа што ова е едно од најкомплексните поглавја, тоа е воедно и едно од најскапите. Координатор на Поглавјето е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за сите области, освен за делот за хемикалии за кој е одговорно Министерството за здравство. Вклучени се и низа други институции, меѓу кои и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, Управата хидрометеоролошки работи, Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од МЖСПП информираат дека поради комплексноста на поглавјето и поради високите инвестициски побарувања за нивна реализација се очекува одобрување на подолги транзициски периоди за имплементација, особено за директивите со високи инвестициски вложувања.
Според Шукова, освен предизвикот да се постигнат барањата на ЕУ преку усогласување на националното законодавство со европското и мудрото креирање политики што водат кон негова имплементација, државата и МЖСПП се соочува и со предизвикот за прифаќање на тие политики на сите нивоа во општеството и обезбедување соодветна структура на управување.
„Подготвени сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста. Сметаме на вашето лидерство, размена на знаења и искуства за продолжување на нашата соработка за ова поглавје во духот на меѓусебна доверба, почит и заедничко разбирање за постигнување на нашата заедничка цел во заштитата на животната средина и постигнување на полноправното членство во европската заедница“,
рече Шукова од Брисел.