Во општата оценка за Северна Македонија се вели дека иако новинарите во земјава не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите. Ваквата состојба, се наведува, ги изложува независните медиуми на закани и напади
Дополнително, од организацијата оценуваат и дека владините претставници покажуваат тенденција на лош и понижувачки став кон новинарите
По минатогодишниот скок од две места, Северна Македонија бележи пад за шест позиции на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година на меѓународната организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз.

Така, за разлика од лани, кога се најде на 36. место, годинава земјава е рангирана на 42. позиција, со пад во три од пет индикатори.
Состојбата со медиумите во Северна Македонија е оценета како „задоволителна“ и таа се наоѓа во горниот дел од листата, која брои вкупно 180 земји, но на последното место од државите кои во однос на медиумската ситуација ја имаат оваа оценка.
Од регионот во оваа група се само уште две две земји, Словенија, која бележи напредок за 9 места и се наоѓа на 33. место, додека Црна Гора е 37., со напредок од три позиции во однос на лани.
Другите земји од Балканот се наоѓаат подолу на листата, вклучително Грција, Бугарија и Хрватска, кои се членки на Европската Унија, и кај кои состојбата со медиумите е генерално оценета како „проблематична“.
Според Индексот, Хрватска е на 80 позиција, Бугарија 70. , Албанија е на 80. место, Босна и Херцеговина на 86., Грција на 89., Србија на 96. и Косово на 99. позиција.
Во општата оценка за Северна Македонија, во Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, се вели дека иако новинарите во земјава не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите.
Ваквата состојба, се наведува, ги изложува независните медиуми на закани и напади.
Дополнително, од организацијата оценуваат и дека владините претставници покажуваат тенденција да имаат лош и понижувачки став кон новинарите.
Во споредба со минатогодишниот извештај, земјава сега има пад во три од пет индикатори. Најголемиот, од 9,07 поени е во политичкиот показател, за 4,19 поени падот во социјалниот показател, а во економскиот од 3,66 поени.
Пораст, кој би можел да се оцени како незначителен, земјава има во однос на правната рамка и овде сме подобри за 0,25 поени и во индикаторот безбедност за 0,01 поен.
Во однос на медиумскиот пејзаж, во извештајот се наведува дека телевизијата е доминантен извор на информации, но важна улога играат и онлајн медиумите.
„Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина и индивидуалните портали кои копираат и ‘лепат’ содржина“,
се вели во извештајот за земјава.
Што се однесува до политичкиот контекст, се наведува дека општата средина останува поволна за слободата на печатот, но се забележува дека владините агенции не се многу транспарентни и оти критичкото новинарство сè повеќе е предмет на напади.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“,
се нотира во извештајот.
Иако Уставот гарантира слобода на говорот и забранува цензура, земјата бавно го хармонизира законодавството за медиуми со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи, се вели во краткото опис кој се однесува на правната рамка.
„Стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs) служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во приватни медиуми предизвика загриженост за можно поврзано влијание“,
наведуваат од организацијата.
Во однос на економскиот контекст се наведува дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, уредничкиот персонал на некои од главните телевизиски канали е изложен на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање, според извештајот, е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори.
„Странските грантови базирани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиумски куќи се подложени на влијание од страна на маркетинг-агенциите“,
се додава во него.

Во извештајот оценка се дава и на социокултурниот контекст и се вели дека иако нема јасни ограничувања во социјалната и културната средина што влијаат врз слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, овие појави придонесуваат за пад на јавната доверба во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка или религиозна припадност.
За индикaторот „Безбедност“, од „Репортери без граници“, нотираат дека неколку инциденти го намалиле чувството на безбедност кај новинарите. Меѓу инцидентите се вбројуваат и палења на имоти на новинари и случаи на полициско вознемирување.
„Од една страна, беше назначен специјален обвинител за да се занимава со случаи на напади врз новинари во главниот град, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја. Од друга страна, новинарите што известуваат за обвинителите се соочуваат со значителен притисок“,
се забележува во извештајот.
На врвот на листата од 180 земји во светот е Норвешка, а меѓу првите пет се и Естонија, Холандија, Шведска и Финска. На дното, пак, се Еритреја, Северна Кореја, Кина, Сирија, Иран и Авганистан.