По тој повод вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на својот фејсбук-профил истакна: „Ако членството во ООН беше остварување на нашиот државнички стремеж, денес одбележуваме 29 години полноправно членство во Обединетите нации како Република Северна Македонија, како држава членка на НАТО и земја која цврсто стои на патот кон полноправно членство во ЕУ“
Денеска се навршуваат 29 години од приемот на земјава во Обединетите нации (ОН), кога на 8 април во 1993 година, земјава со акламација во Генералното собрание на ОН стана 181. полноправна членка на Светската организација.
По тој повод вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на својот официјален фејсбук-профил истакна оти пред 29 години нашата државност, посебност, идентитет и култура беа признаени и верификувани од целиот свет, додавајќи оти во говорот во ОН, на овој ден, во 1993 година претседателот Глигоров ги постави темелите на нашите вредности и ги зацрта нашите најважни приоритети во надворешната политика
„Ако членството во ООН беше остварување на нашиот државнички стремеж, денес одбележуваме 29 години полноправно членство во Обединетите нации како Република Северна Македонија, како држава членка на НАТО и земја која цврсто стои на патот кон полноправно членство во ЕУ“,
стои во фејсбук-објавата на вицепремиерот Маричиќ.
Поставивме пример за другите, наведува вицепремиерот, дека со дипломатија и дијалог, со разбирање и толеранција, можат да се решат најгорливите прашања и да се добијат нови пријатели и сојузници.
„Активно ја поддржуваме и развиваме регионалната соработка, во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на сите граѓани во нашиот регион. Денес неуморно сме посветени на почетокот на преговорите со ЕУ, со кој ќе го оствариме нашиот стремеж, Северна Македонија да биде рамноправен партнер и сојузник на развиениот демократски свет“,
напиша вицепремиерот Маричиќ на фејсбук-профилот.
