Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ се согласни оти двете земји немаат лесен пат кон Европската Унија и имаат многу допирни точки за заеднички да работат и заеднички да разменат искуства
Во рамки на средбата при иницијативата „Отворен Балкан“, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ договорија Северна Македонија и Србија да потпишат меморандум за соработка за евроинтеграции.

Маричиќ и Јоксимовиќ се согласни оти двете земји немаат лесен пат кон Европската Унија и имаат многу допирни точки за заеднички да работат и заеднички да разменат искуства.
Според Маричиќ, ако Северна Македонија и Србија работат заедно ќе можат да напредуваат побрзо и да имаат подобри резултати за граѓаните на двете земји.
„Северна Македонија и Србија покажаа многу во реформите и решавањето на тешките прашања, и сметаме дека се покажавме како кредибилен партнер на Европската Унија и покажавме солидарност со ЕУ“,
изјави Маричиќ на прес-конференцијата по средбата.
Тоа, како што посочи Маричиќ, ни дава право да побараме да бидеме вклучени во решавањето на сегашните и идните кризи поврзани со енергетското снабдување, со снабдувањето со храна и струја.
„Сето ова се прашања кои се поврзани со опстојувањето на нашите граѓани во овој тежок период што ни престои. Бидејќи се покажавме како кредибилен партнер на ЕУ и очекуваме од неа да не вклучи во идните планови за решавање на овие проблеми за државите членки на Унијата“,
изјави Маричиќ.
Министерката Јадранка Јоксимовиќ, пак, изјави дека им честитала на Северна Македонија и Албанија за отворањето на преговорите за членство во ЕУ, нагласувајќи дека во вакви тешки геополитички околности целта не се губи од вид.
„Ние разговаравме и за бројни проекти финасирани од ЕУ во рамки на Европскиот инвестициски план за Западен Балкан, за гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, што во овој момент е од исклучително значење за граѓаните и кои се предизвиците пред нас“,
изјави Јоксимовиќ.
Таа кажа и дека на Скопје му е понудена секаква помош во преговарачкиот процес со ЕУ, а оти утре во рамки на политичкиот дел од „Отвoрен Балкан“ ќе се одржат важни панели кои ќе се однесуваат на европските проекти, вклучително и на гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, но и енергетските прашања и снабдувањето со храна.
