Границите на Грција веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани
Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција денеска соопшти дека на сите грчки аеродроми се дозволени летови од Северна Македонија и Албанија, а не само на атинскиот како што беше случајот досега, но забраната за влез на државјани од трети земји (каде што спаѓаат Северна Македонија и Албанија) и натаму е во сила до 5 април.
Во министерската одлука што во саботата вечер беше објавена во „Службен весник“ на Грција, а стапи во сила во 6 часот утрово, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од која било влезна точка, на кој било начин и со кое било средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на ковид-19 на грчка територија“.
Тоа значи забрана за влез на државјани на трети земји, освен земјите на Европската Унија и шенген-зоната. Од авио упатствата исклучок се државјаните на следните осум земји: Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Обединети Арапски Емирати, Руската Федерација и Израел. Во конкретното упатство, за разлика од претходното, Руанда и Сингапур се отстранети од листата земји за кои има исклучок, соопштуваат од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција.
Скопје и Атина, независно од денешната одлука, од средината на февруари одново се поврзаа откако грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“ ги обнови летовите, но само за оние патници за кои постојат исклучоци.
Денешната одлука се однесува на дозволените летови од Северна Македонија и Албанија и на останатите аеродроми во цела Грција.
Границите на Грција, веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш се продолжува на секои две седмици.