Дека и Северна Македонија е дел од оваа иницијатива потврди министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кој денеска изјави дека земјава е дел од тој процес бидејќи се залага за почитување на меѓународното јавно и хуманитарно право
Северна Македонија ѝ се придружи на иницијативата на Европската Унија и сојузниците за формирање на специјален суд со седиште во Хаг кој ќе ги гони руските високи функционери за воени злосторства извршени во Украина.

Повеќе од 30 министри за надворешни работи и дипломати од Европа и партнерски земји денеска ја потпишаа декларацијата со која се дава зелено светло за формирање на меѓународниот трибунал.
Дека и Северна Македонија е дел од оваа иницијатива потврди министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во изјавата од Шведска, каде е во дводневна посета, Муцунски рече дека нашата држава станува дел од тој процес бидејќи се залага за почитување на меѓународното јавно и хуманитарно право.
„Тоа го правиме во целосна комуникација и координација со сите наши стратешки партнери во делот на надворешната политика. Зошто нашата држава станува дел од тој процес и тоа што нашите граѓани треба да го знаат е дека почитувањето на меѓународното јавно право и на меѓународното хуманитарно право е едно од клучните и најзначајните алатки особено за малите земји како што нашата држава“,
рече Муцунски.
Во таа насока тој додаде дека како држава принципилено ја поддржуваме таа иницијатива, како и сите иницијативи кои се насочени кон афирмација на меѓународното јавно право.
„Политиката некогаш знае да биде помоќна од правото, но тоа не значи дека ние како држава не треба конзистетно да стоиме зад принципите коишто ги застапуваме“,
рече македонскиот шеф на дипломатијата.
Рече дека времето ќе покаже дали оваа иницијатива ќе успее во своите цели, но, оцени дека тоа е вистиснки чекор којшто треба да се направи во актуелниот геополитички контекст.
„И ќе повторам нешто што веќе го кажав, сепак и од политичка гледна точка внимаваме да сме добро координирани при носењето на овие одлуки“,
посочи Муцунски.
Судот за за воени злосторства извршени од Русија за време на војната со Украина е предвидено да има 15 судии со мандат од девет години. Седиштето ќе биде во Хаг, каде веќе се наоѓаат неколку меѓународни правни организации.
Ќе го основа Советот на Европа, а според проценките, вкупните трошоци за неговата работа ќе изнесуваат една милијарда евра.
Пресудите ќе можат да бидат носени и во отсуство на обвинетите.